Турскиот парламент ќе одговори на американските резолуции кои го признаваат масакрот на Ерменците како геноцид и повикуваат на санкции против Турција за нејзината воена операција во Сирија, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Претставничкиот дом на САД вчера со големо мнозинство ја изгласа резолуцијата во која се признава масакрот на Ерменците пред еден век како геноцид.

– Турција не ја признава таа резолуција, која нема никаква вредност за Анкара – кажа Ердоган, пренесува „Ројтерс.

Во резолуцијата се вели дека американската политика ги отфрла сите напори за поврзување на американската влада со напорите да се негира постоењето на ерменскиот геноцид.

Турција цврсто негира дека се случил геноцид врз Ерменците.

Турското Министерство за надворешни работи ја отфрли резолуцијата велејќи во соопштение дека очигледно е дизајнирана и објавена за внатрешна употреба и е лишена од каква било историска или правна основа.

Според официјалниот став на Анкара, меѓу 300.000 и 500.000 Ерменци починале од 1915 до 1923 година, но најмногу поради немирите за време на Првата светска војна.

Голем број парламенти, вклучително и францускиот, германскиот, италијанскиот, рускиот и канадскиот, го потврдија геноцидот врз Ерменците.