Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул треба да докаже дали дисидентскиот новинар и писател Џамал Кашоги ја напуштил зградата или не.

За Кашоги нема никакви иформации откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул на 2 октомври.

– Тие имаат многу камери … ако го напуштил местото, зошто тоа не го докажат, рече Ердоган на заедничката прес-конференција во Будимпешта со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Ердоган рече дека има многу гласини и шпекулации во медиумите за судбината на Кашоги, но додаде дека се надева на одредени резултати што е можно поскоро.

– Ние сме едвај чекаме да го решиме ова прашање, истакна турскиот претседател.

Тој вели дека „политичка и хуманитарна должност” на неговата држава е да го реши овој случај.

Турските и саудијските власти даваат противречни изјави. Анкара тврди дека тој не излегол од конзулатот, а Ријад вели дека истиот ден го напуштил објектот.

Извор од турската полиција  за западни медиуми изјави дека Кашоги е убиен во Конзулатот на својата држава во Истанбул.

– Полицијата во своите први заклучоци смета дека новинарот бил убиен во Конзулатот од група што дошла во Истанбул со таква намера и се вратила истиот ден, наведе вчера тој извор.

Турски официјален претставник денеска изјави дека претставникот на Саудиска Арабија во Анкара по вторпат е повикан во Министерството за надворешни работи и дека турските дипломати побарале да биде „во целосна координација” во врска со овој случај.

Кашоги, кој живееше во егзил во САД, исчезна во Истанбул во вторникот по посетата на конзулатот каде бил заради документи кои му биле потребни за склучување брак, појасни неговата свршеница. 

Кашоги е долгогодишен новинар, дел од редакцијата на „Вашингтон пост“, познат по критичките текстови за саудискиот принц. Во неговите текстови тој ја критикуваше и Саудиска Арабија поради војната со Јемен и спорот со Канада. Тој е познат по интервјуата со поранешниот лидер на Ал Каеда, Осама бин Ладен, и патувањата со него во периодот од 1987 до 1995 година. На почетокот на 90-ите се обидел да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство на Саудиска Арабија и да се врати во својата татковина, но тој одбил.