Нема да се даде можност за формирање терористички коридор против Турција во северниот дел на Сирија истакна турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и претседател на владејачката Партија за правда и единство на митинг во Искендерун, во областа Хатај, по повод локалните избори што треба да се одржат на 31 март, јави агенцијата Анадолија.

Ердоган рече дека илјадници млади луѓе биле жртви на тероризмот и дека е направен обид да се предизвикаат немири во овие територии, со провокации од национален, културен и верски аспект.

– Нашиот народ, особено во последните 17 години, го заштити единството и ги елиминираше сите провокации. Нашиот народ во ноќта на 15 јули ја даде потребната лекција, ја заштити својата демократија и волја и не фрли сенка врз братството, нагласи Ердоган.

Како што пренесува Анадолија, тој истакна дека и на маса и на терен, како што рече, „ќе ги расипат сите игри против Турција“ во Сирија и во Ирак.

– Нема да дадеме можност да се формира терористички коридор против нашата земја во северниот дел на Сирија. Ќе воспоставиме безбедносна зона во која нашите сириски браќа ќе можат да се вратат и да бидат безбедни, нагласи турскиот претседател.

Турските власти неодамна најавија можна нова операција на источниот брег од реката Еуфрат на територијата која е под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК.

ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Европската Унија (ЕУ) и Соединетите Американски Држави (САД). Во Сирија делува ЈПГ, огранокот на ПКК.

Турските вооружени сили изминативе две недели спречија вкупно 12 обиди за терористички напади во Турција.

Напаѓачите со дронови се обидоа да изведат напади од североисточниот дел на Сирија, кој е под окупација на ЈПГ/ПКК.