Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска патува во Брисел за да разговара за емигрантската криза на турско-грчката граница, објави државната телевизија ТРТ, додека грчкиот премиер предупредува дека договорот меѓу Европа и Турција е мртов.
Посетата на турскиот претседател се случува во време на спорт меѓу Турција и Европската Унија, особено Грција, околу неодамнешниот нов бран емигранти на турската граница со ЕУ.

Илјадници луѓе пристигнаа на турско-грчката граница откако Анкара минатата недела порача дека повеќе нема да ги задржува емигрантите на патот кон Европа, бидејќи ЕУ не го почитува договорот меѓу двете страни од 2016 година.
Со него Анкара се согласи да ги запира емигрантите во замена за европски пари за интеграција на сириските бегалци во Турција. Таму веќе има 4 милиони емигранти, од кои 3,6 милиони од Сирија.
– Да бидеме искрени, договорот е мртов – изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.Тој тврди дека договорот пропаднал, бидејќи турските власти ја поттикнале актуелната криза со тоа што ги охрабруваат или дури им помагаат на емигрантите на патот кон Европа.

– Турција има обврска да ги запира луѓето пред да стигнат до брегот… и да прави сѐ што може да се бори против шверцерите и нелегалните преминувања во Грција – истакна Мицотакис.
Грчката полиција повторно користеше солзавец за да ги запре емигрантите да ја минат границата, на која распореди и дополнителни илјада припадници на специјалната полиција. Во текот на ноќта во саботата ситуацијата на грчко-турската граница беше мирна, по завчерашните инциденти, кои со прекини траеја речиси цел ден, јави дописничката на МИА од Атина.