Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска, неколку недели по изборниот пораз на локалните избори, објави дека ќе се соочи со противничките струи во рамките на неговата Партија на правдата и развојот (АКП).

-Додека ние се бориме против надворешни противници, морам да кажам дека има луѓе внатре во партијата кои работат во наша штета, рече Ердоган, а објави „Ројтерс“.

Тој објасни дека ваквите струи ќе ги повика на одговорност, со цел, како што кажа, да ја зачува иднината на политичката организација, но не прецизираше кои конкретни акции планира да ги спроведе.

Турската врховна изборна комисија, претходно делумно ја отфрли жалбата на Ердоган во делот што се однесува на илјадници гласачки ливчиња за кои неговата партија тврди дека не се прифатливи, врз основа на претходни владини прописи.

Комисијата се уште не донела одлука за поништување на изборите во Истанбул поради други изборни нерегуларности, како внесување на погрешни податоци за гласањето, или гласови од луѓе кои, според АКП, се мртви, непресметливи или пак гласале двапати, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата воедно потсетува дека по 17 дена приговори и пребројувања, турскиот опозициски кандидат Екрем Имамоглу ја презеде функцијата градоначалник на Истанбул.