Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска жестоко го нападна својот француски колега, Емануел Макрон, кој неодамна оцени дека НАТО е во состојба на мозочна смрт, повикувајќи го прво да ја испита сопствената мозочна смрт.

Проценката на францускиот претседател дека НАТО е во состојба на мозочна смрт, предизвика динамична дебата помеѓу 29 членки на Алијансата, вклучително и Турција.

– Се обраќам од Турција до францускиот претседател Емануел Макрон и тоа ќе го повторам и во НАТО. Прво, прегледај ја сопствената мозочна смрт – рече Ердоган.

Со овие остри зборови, Ердоган одговори на критиките на Макрон за воената операција на Турција во Сирија насочена против курдската милиција, која е сојузник на Западот во борбата против џихадистичката организација Исламска држава (ИД).

Тензиите се зголемуваат пред самитот на НАТО следната недела во Лондон, на чии маргини Ердоган и Макрон би требало да разговараат за Сирија заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и британскиот премиер Борис Џонсон.

Западот ја критикуваше офанзивата на Турција против курдските милиции во северна Сирија, а Макрон ја осуди едностраната акција на почетокот од месецов, велејќи дека НАТО покажува симптоми на мозочна смрт.

Ердоган упати и други критики кон Макрон.

– Толку е неискусен! Тој нема поим што е борба против тероризмот, затоа неговите Жолти елеци ја поплавија Франција – рече Ердоган, заклучувајќи: „Гестикулирајте колку сакате, на крајот ќе ја признаете основаноста на нашата борба против тероризмот“.