Повторното гласање, чија цел беше да се смени исходот од изборите на 31 март на кои опозицискиот кандидат Имамоглу оствари тесна победа, беше тест без преседан за кревката демократија на Турција, како и за политичката судбина на Ердоган. Со брзото признавање на поразот, Јилдирим ја спаси владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) од повторно срамно јавно пребројување на гласовите, но поразот сигурно ќе доведе до нова интензивна борба за моќ во коалициската влада, оценува „Гардијан“

Турската опозиција победи на повтореното гласање за градоначалник на Истанбул, нанесувајќи му сериозен удар на претседателот Реџеп Таип Ердоган во земјата каде што многумина стравуваат дека демократијата буквално се распаѓа. Непосредно по објавувањето на првичните резултати, кои навестија голема победа на опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу, кандидатот на владејачката партија Бинали Јилдирим го призна поразот и му честита на ривалот. Повторното гласање, чија цел беше да се смени исходот од изборите на 31 март на кои Имамоглу оствари тесна победа, беше тест без преседан за кревката демократија на Турција, како и за политичката судбина на Ердоган, оценува „Гардијан“.

Со брзото признавање на поразот, како што наведува британскиот весник, Јилдирим ја спаси владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) од повторно срамно јавно пребројување на гласовите, но поразот сигурно ќе доведе до нова интензивна борба за моќ во коалициската влада.

– Почнуваме нова страница во Истанбул. На оваа нова страница ќе има правда, еднаквост и љубов. Околу 16 милиони жители на Истанбул ја освежија нашата верба во демократијата. Од срце ви благодарам. Му покажавте на светот дека Турција сѐ уште ја штити својата демократија – порача Имамоглу во телевизиското обраќање.
Откако првичните изборни резултати покажаа дека Имамоглу освоил околу 54 отсто од гласовите, Ердоган преку Твитер испрати честитки до опозицискиот кандидат. За разлика од гласањето во март, кога Имамоглу победи со тесна разлика од само 13.000 гласа, неговата сегашна победа е со вџашувачка разлика од дури 777.000 гласа.
И покрај отвореното провладино медиумско покривање, Имамоглу, некогашниот анонимен локален функционер, ја шокира земјата со тесната победа во март. За Ердоган, поразот во родниот град, каде што во 1990-тите почна неговата политичка кариера, претставува личен удар. По соопштувањето на резултатите од гласањето на 31 март, АКП неколку недели поднесуваше жалби до изборната комисија, која на крајот го прифати приговорот во однос на пребројувањето на гласовите и ја поништи победата на Имамоглу. Таквиот чекор на изборната комисија предизвика гнев дури и во редовите на владејачката партија, каде што некои отворено стравуваа од уривање на демократските принципи во Турција.

Пред повтореното гласање, Јилдирим интензивно работеше на намалување на разликата со својот ривал, обраќајќи се на партиското гласачко тело од работничката класа и конзервативните населби, каде што беше забележана голема апстиненција, која беше протолкувана како казна на гласачите за Владата, која ја обвинуваат за економската криза во Турција. И покрај тоа, на телевизиската дебата со Имамоглу и во разговорите со гласачите, Јилдирим се мачеше да објасни зошто е неопходно повторно гласање за градоначалник на Истанбул

Од друга страна, Имамоглу доби поддршка од гласачите за својата платформа, која се фокусираше на обединување на луѓето во Истанбул и надминување на религиозните, етничките и класните поделби. Тој успеа да ја прикаже својата нова кампања како битка за иднината на самата демократија во Турција.
– Одлуката на АКП за повторно гласање беше колосална грешка. А кампањата беше некарактеристично хаотична. За првпат АКП заостануваше во Истанбул, каскајќи за опозицијата, која доминираше со изборниот наратив. Ердоган мора да спроведе сериозно чистење на редовите во Владата и да направи нова процена на неговите политики, или во спротивно, сѐ погласни ќе станат гласините дека ова е почеток на неговиот конечен пад – оценува за „Гардијан“ политичкиот експерт Сонер Чагаптај.
Веќе сѐ погласни се шпекулациите дека вториот пораз во Истанбул може да доведе до предвремени избори, додека Ердоган се обидува да ги отстрани сѐ пофракциските елементи во неговата владејачка коалиција. Според британскиот весник, губењето на Истанбул по вторпат е незамислив исход за АКП. Турскиот најголем град и економско срце на земјата, во 2017 година учествуваше со дури 31 процент од домашниот БДП. Повеќе од четвртина век, Истанбул беше под контрола на владејачката партија и нејзините исламистички претходници.

Експертите и аналитичарите предупредуваат дека мандатот на Имамоглу не е целосно обезбеден – на изборите во 2015 година, АКП го загуби мнозинството во парламентот, имаше повторување на гласањето, а некои од харизматичните противници на Ердоган беа затворени или, пак, попуштија пред големиот притисок. АКП и понатаму контролира 25 од 39 општини во Истанбул и има мнозинство во општинското собрание, поради што на Имамоглу ќе му биде тешко да ги испорача изборните ветување. Но сегашната негова победа со голема разлика, покажува дека барем во Истанбул постои волја за смена по 16-годишно владеење на АКП на државно ниво.

– Турција беше предводена од популистички лидер речиси две децении. Ердоган се обиде да го еродира владеењето на правото и да ја преземе контролата над медиумите. Луѓето тврдат дека е потребно време за изградба на демократија, но сегашните резултати покажуваат дека, исто така, е потребно долго време за уништување на демократијата. Очигледно е дека турските демократски структури се неверојатно отпорни – заклучува Чагаптај.


Кој е новиот градоначалник на Истанбул?

Екрем Имамоглу не беше многу позната личност во турската политика пред одлучувачките локални избори на 31 март. Но со неколебливото пркосење во жестоката битка за да стане градоначалник на Истанбул, дури и откако изборната комисија ја поништи неговата победа во март, Имамоглу стана највисоко позициониран противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган и даде неочекувана надеж за спас на иднината на турската демократија.Бившиот шеф на градежна компанија влезе во локалната политика во 2009 година, а во 2014 година стана градоначалник на истанбулската општина Бејликдузу, каде што најмногу е застапена средната класа. Иако беше кандидат-аутсајдер на опозициската Народна републиканска партија (ЦХП), неговата изборна стратегија во март се засноваше врз добра волја и кај гласачите брзо стекна репутација на компетентен и либерален администратор.