Фото: Архива

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини грчките безбедносни сили дека делуваат како нацисти бидејќи користат сила против мигрантите кои се обидуваат да ја преминат границата од Турција кон Европската унија.

Десетици илјади мигранти се обидоа да стигнат до Грција, откако Турција на 28 февруари најави дека повеќе нема да ги задржува мигрантите на својата територија.

Грчките безбедносни сили користеа солзавец и водени топови за да ги запрат мигрантите. Атина ги суспендираше барањата за азил за еден месец и рече дека спречила повеќе од 42.000 нелегални мигранти да влезат во ЕУ во последните две недели.

Во турскиот парламент, Ердоган им покажа на пратениците на неговата владејачка партија Партија на правдата и развојот (АКП) видеа од сцени на грчката граница.

– Нема разлика помеѓу овие слики на грчката граница и она што го правеа нацистите. Отворање оган врз невини луѓе, изложување на сите видови на нехумано постапување. Тоа е варварство во целосна смисла на зборот – рече Ердоган, повторувајќи го повикот Грција да им овозможи на мигрантите да ја преминат границата за да стигнат до побогатите западни европски земји.

Одговарајќи на последните коментари на Ердоган, портпаролот на грчката влада Стелиос Пекас рече дека Еродган постојано се обидува да ја поткопа атмосферата со вакви изјави.