Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, ги откажа плановите за учество на климатската конференција „КОП26“, откако Британија не ги исполни турските барања за безбедносните аранжмани, изјавија во понеделникот двајца турски претставници за „Ројтерс“.

Ердоган се врати во Турција од самитот на Г20 во Рим наместо да патува на климатскиот самит во Глазгов, јави државната агенција „Анадолија“. Турското претседателство не ги наведе причините за неговото непланирано враќање.

Официјален претставник, кој сакаше да остане анонимен, рече дека има проблеми со протоколот околу планираното присуство на претседателот на состанокот. Друг турски функционер пак рече дека британските власти не ги исполниле протоколите и безбедносните барања на Турција.

– Претседателот ја донесе таа одлука бидејќи нашите барања во врска со бројот на возила и некои други безбедносни барања не се целосно исполнети – изјави висок функционер за „Ројтерс“.

Претходно се очекуваше Ердоган да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, но тие се сретнаа во Рим во неделата.

Минатиот месец турскиот парламент го ратификуваше Парискиот договор за климата, со што стана последната земја од Г20 што го сторила тоа.

Турција со години ја одложува ратификацијата, нагласувајќи дека не треба да се смета за развиена земја.

Ердоган минатата недела рече дека Турција потпишала меморандум за разбирање според кој ќе добие заеми од 3,2 милијарди долари за да и помогне да ги исполни целите за чиста енергија поставени со Парискиот договор.