Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, од избирачкото место на кое гласаше денеска, изрази жалење за двете лица кои загинаа во провинцијата Малатија во источна Турција.

Темел Карамолаолу, водач на помала турска исламски ориентирана Партија на среќата, претходно изјави дека волонтер и набљудувач на изборите од редовите на таа партија се убиени. Тој рече дека членови на Партијата на среќата биле нападнати од роднина на кандидат од турската владејачка Партија на правдата и развојот, предводена од Ердоган.

Ердоган рече дека „не би било фер да се испитува или суди помеѓу политичките партии”.

Турскиот претседател ги нарече локалните избори „клучен столб на демократијата” и додаде дека успехот на неговата партија ќе додаде „голема моќ” на претседателската администрација.