Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе отпатува за Брисел со цел утре да присуствува на состанок на Европската народна партија (ЕПП), на кој ќе се разгледува дали неговата партија Фидес ќе биде исклучена или суспендирана од главниот сојуз на партии на десниот центар во Европскиот парламент, јавува МИА.

Од 49 полноправни членки на Европската народна партија, 13 се за исклучување на Фидес по повеќе години несогласувања и судири.

Некои членови сметаат дека Орбан премногу се оддалечил од христијанските демократски вредности на сојузот.

Манфред Вебер, кандидатот на ЕПП за претседател на Европската комисија на изборите во мај, го повика Орбан да исполни одредени услови за да остане во сојузот, меѓу кои и да стави крај на кампањите против ЕУ.

Орбан минатата недела испрати писмо до лидерите на членките на ЕПП кои побараа исклучување на неговата партија. Во писмото, тој се извинува за користењето навредлив јазик, но наведува дека нема промени во политичките ставови.

Унгарскиот премиер побарал од лидерот на белгиската партија Христијански демократи и Фламанци Ваутер Беке повторно да размисли за предлогот за исклучување на неговата Фидес од ЕПП.

Портпарол на унгарската Влада изјави дека такви писма се испратени до сите 13 партии кои се приклучија кон предлогот.