Европските полициски сили во организиран поход против Енкрочет

Според пишувањата на медиумите, криминалците од Европа користејќи ги тајната комуникациска апликација Енкрочет и специјализираните телефони за неа вршеле разновидни кривични дела, почнувајќи од продажба на дрога па до спроведување убиства

Во заедничка акција на Европол и на британската агенција за криминал НЦА

Британската полиција уапси повеќе од 700 осомничени лица, заплени 54 милиони фунти и неколку тони дрога во најголемата и најзначајна операција против организираниот криминал во Велика Британија. Оваа загрижувачка информација ја пренесува хрватскиот весник „Јутарњи лист“, кој информира дека на почвата на Стариот Континент во исто време била организирана и спроведена обемна полициска операција, предводена од Британската националната агенција за сузбивање криминал (НЦА) заедно со европските безбедносни сили и Европол.

Според информации објавени во медиумите, станува збор за пресретнување на енкриптиран телефонски систем од страна на полициските служби наречен Енкрочет, кој на посебни уреди го користеле криминалците низ Европа за безбедна комуникација за најразлични зделки од убиства па до продажба на дрога и наркотици. Како што наведува „Јутарњи лист“, повикувајќи се на информации од британските медиуми, осомничените ја користеле комуникациската мрежа Енкрочет „на специјални мобилни телефони дизајнирани да бидат заштитени од прислушувањето на полицијата“. Но во април годинава меѓународните безбедносни експерти биле во можност да ги дешифрираат пораките и да почнат да собираат корисни податоци од криминалците. Според хрватскиот весник, стотици вработени во повеќе европски полиции меѓу кои и на Холандија, Франција и на Белгија изминатиот период работеле на анализа на податоци и идентификација на корисниците на Енкрочет, притоа разгледувајќи и дешифрирајќи милиони пораки и стотици илјади слики.

Така, во Британија, како што пренесува хрватскиот медиум, минатата недела биле уапсени 746 лица, се заплениле речиси 60 милиони евра, но и се конфискувале 77 парчиња оружје (вклучувајќи и „калашникови“) и 1.800 парчиња муниција.
– Ова е најзначајната и најголема операција од ваков вид во Велика Британија – изјави портпаролот на Националната агенција за борба со криминалот. Благодарејќи на упадот во системот, полицијата успева да спречи „насилни напади, корупција, обиди за убиство и масовен транспорт на дрога“, пишува на истава тема британски „Индепендент“. Според медиумот, во моментов ваквиот систем веќе е изгасен. Процената е дека меѓу 90 и 100 проценти од сите клиенти на Енкрочет се поврзани со организиран криминал.

– Целата истрага во 2017 г. ја започнаа француските власти, кои редовно откриваа телефони на Енкрочет во најразлични полициски операции и рации низ земјата. Подоцна тие дојдоа до сознание дека серверите на компанијата што го изработувала софтверот и телефоните всушност се сместени во Франција – наведува британски „Индепендент“.
Инаку станува збор за регуларни паметни телефони, на кои комплетно им се избришани стандардните опции и апликации, и на нивно место се инсталирани апликации за енкриптирано комуницирање, плус на секој уред е инсталирана апликација за негово далечинско бришење што криминалците во Европа во текот на изминатите години непречено ги користеле за размена на информации и слики поврзани со криминал и насилства.