Претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва денеска положи заклетва, откако неколку недели претходно опозицијата ја оспоруваше законитоста за неговиот избор.

Мнангагва првпат ја презема функцијата шеф на државата откако под притисок на војската поранешниот претседател Роберт Мугабе поднесе оставка, а на изборите на 30 јули извојува победа.

– Јас, Емерсон Дамбуѕо Мнангагва се колнам како претседател на Република Зимбабве дека ќе и служам на земјата и ќе го бранам нејзиниот Устав, изјави Мнангагва пред илјадниците граѓани на стадионот во Хараре и во присуство на голем број африкански лидери.

Опозицијата тврдеше дека изборите се наместени, меѓутоа Уставниот суд на Зимбабве ги отфрли таквите тврдења.

Сега пред Мнангагва претстои „мамутска задача“ за оживување на лошата економија и обединување на нацијата.