Германскиот европратеник и близок соработник на германската канцеларка Ангела Меркел, Елмар Брок, кој е координатор на демохристијанската група во Европскиот парламент за британското истапување од ЕУ, порача дека втор референдум за Брегзит би бил можно решение за излез од ќор-сокакот во преговорите меѓу Брисел и Лондон.

Поради ризикот од напуштање на Велика Британија на ЕУ без претходно постигнат договор меѓу двете страни, познато како Брегзит без договор, во сите европски престолнини се бараат решенија. Без договор, Британците ќе мораат да ја напуштат ЕУ на 30 март 2019 без утврдени правила за внатрешниот пазар, границата со Северна Ирска и правата на граѓаните.

Во овој контекст, влијателниот европратеник Брок сугерираа дека втор референдум за Брегзит би можел да понуди излезно решение.

– Референдум во декември или јануари би можел да биде начин да се избегне „тврд Брегзит“. На ова тешко искушение може да му се стави крај со нов референдум за Брегзит, изјави Брок.

Тој исто така смета дека во случај на нов референдум, Европската унија треба да се инволвира во изборната кампања и изрази жалење што Владата на британскиот премиер Дејвид Камерон во 2016 одби ЕУ да биде вмешана во референдумската кампања, кога Британците гласаа за напуштање на Унијата.

– Да, грешка беше што ги следевме желбите на премиерот Камерон и останавме вон кампањата. Требаше да се соочиме со лагите за поддржувачите на Брегзитот многу поагресивно, изјави Брок.