Американската елита викендот беше на погребот на сенаторот Мекејн

Трамп е исклучен од венчавките и од погребите на јавните личности, на кои претседателите често присуствуваат во името на целата нација. За лошиот однос со елитите е виновен самиот Трамп, зашто со своето однесување ги изолира елитите и поттикнува теории на заговори против нив, велат критичарите

„Одлуката на републиканскиот сенатор Џон Мекејн да му забрани присуство на американскиот претседател Доналд Трамп на сопствениот погреб беше своевиден бунт на иконата на американската политика, кој управувањето со државата го сметаше за свето и веруваше дека сегашниот вршител на таа функција може да ѝ нанесе огромна штета на институцијата претседател на САД“, пишува американски „Лос Анџелес тајмс“.
Тоа и сличните други исклучувања на Трамп од позначајните прослави или одбележувања на тажни настани, на кои вообичаено присуствуваат претседателите во името на целата нација, станаа шаблон во изминатите 19 месеци, откако Трамп ја презеде функцијата во Белата куќа. Но тоа е само уште еден аспект на неговиот контроверзен претседателски мандат. Голем број помошници и советници на бившите претседатели на САД не паметат слични ситуации, дури и кога станувало збор за непопуларни шефови на државата, па дури и кога тие биле под истрага, наведува весникот.

A непоканетиот Трамп играше голф и твиташе

Во април годинава од Трамп се бараше да се држи понастрана од погребот на Барбара Буш, сопруга и мајка на двајца претседатели на САД, а семејството притоа ги повика Бил Клинтон и Барак Обама да присуствуваат на погребот „во име на нацијата“.
Лани во декември беше одлучено да се прескокне традиционалното присуство на претседателот на годишната церемонија на доделувањето награди во центарот „Кенеди“, откако неколку уметници се заканија со бојкот.

Британското кралско семејство не испрати покани до странски државници за венчавката на принцот Хари и Меган Маркл, делумно и за да ја избегне поканата на Трамп, кого Маркл го нарече „мизогин“. Еден месец претходно, шампионите на НБА Голден стејт вориорс не се одзваа на повикот да ја прослават титулата од 2017 година во Белата куќа, посочува весникот.

Трамп, меѓутоа, одбивањата ги искористи за да ги мобилизира своите приврзаници. Тој, како што нагласи на еден собир, го правел тоа за да им порача на политичките и културните елити дека никогаш нема да прифати уцени.

– Елита. Зошто се тие елита? Јас сум попаметен и побогат од нив. Станав претседател, а тие не. Ги застапувам најголемите, најпаметните, најоригиналните и најдобрите луѓе во земјата – изјави Трамп во една пригода и, се разбира, како и обично, доби огромен аплауз.

Сепак, неговите пријатели и сојузници велат дека тој е длабоко повреден, гледајќи ги напорите да се делегитимира неговиот претседателски мандат.

– Но тој и денес длабоко и неиздржливо ги презира елитите, меѓу кои има и приврзаници, исто како и луѓето што се чувствуваат отфрлено од самите елити – вели Мајкл Капуто, бивш политички советник на Трамп.

Друг долгогодишен пријател на Трамп, кој побарал да остане анонимен, пак, вели оти е сигурен дека на претседателот му е тешко што политичкиот естаблишмент сѐ уште не го прифаќа.

Критичарите тврдат дека самиот Трамп е одговорен за таквиот однос со елитите, имајќи предвид што ги изолирал од себе со своето повремено „нечовечно“ однесување, водејќи политика што ги поттикнува теориите на заговор против нив, ги понижува конкурентите и ги урива основните принципи на граѓанското општество, пренесува „Лос анџелес тајмс“.

Кога станува збор за Мекејн, Трамп не издаде вообичаено соопштение ниту одговараше на прашања на новинарите завчера, за време на трите појавувања во Белата куќа. Наместо тоа, тој го помина викендот играјќи голф и твитајќи за силата на американската економија и за својата популарност, иако анкетите го говорат спротивното. Белата куќа, пак, соопшти дека знамињата ќе останат на половина копје додека не биде погребен Мекејн.

„Лос Анџелес тајмс“ смета дека Трамп останува доследен во водењето на своите битки, во кои некој секогаш е прогласуван за победник или за губитник. Дури и откако го омаловажуваше учеството на Мекејн во војната во Виетнам, па дури и кога многумина сметаа дека тоа ќе го дисквалификува од кандидатурата за претседател на САД, Трамп прво ја обезбеди номинацијата од неговата партија, а потоа и победи во трката за претседател на САД. Затоа тој и понатаму верува дека неговиот стил е прифатлив, заклучува американскиот весник.