Главниот извршен директор на британското Друштво на автомобилски производители и трговци (СММТ), Мајк Хоус, излезе со реакција на најновите бројки на регистрирани автомобили во Велика Британија, порачувајќи дека „минатата година била најтешка во поновата историја, а автомобилскиот сектор, како и многу други, претрпел огромен удар“.
Покрај јасната криза што пандемијата на ковид-19 ја предизвика во индустријата, одредени видови автомобили сè уште бележат висока побарувачка. Иако почесто се продаваат автомобили што користат бензин и дизел-горива, сепак нивната побарувачка опаднала за 28 и 47 отсто соодветно во 2020 година. Од друга страна, автомобилите што до одреден степен користат електрично напојување успеаја да ја одржат продажбата во текот на пандемијата и забележаа нејзин раст од 74 отсто за електрични возила, 94 отсто за возило со хибриден приклучок и 12 отсто за целосен хибрид.
Хоус коментираше токму за овој факт уште во јануари, кога истакна дека производителите ќе очекуваат зголемување на побарувачката за електрични автомобили и затоа здружението ќе работи заедно со владата, за да ги охрабрат возачите да користат ваков вид автомобили додека се промовираат инвестициите во овој сектор, што ќе придонесе за обнова на пазарот, индустријата и економијата.