Преминувањето од бензински и од дизел-автомобили на оние со електрични мотори до 2030 година, само во Германија може да доведе до укинување на дури 410.000 работни места во германската автоиндустрија, предупредуваат експертите од Националната платформа за иднина на мобилноста (НПМ), советодавно тело на германската влада.

Од НПМ истакнуваат дека електричните мотори имаат помалку делови и не е потребно големо одржување, што е добра вест за нивните корисници, но не и за лицата вработени во традиционалната автомобилска индустрија. Па, така, само во одделите за производство на мотори и менувачи во идните десет години без работа би требало да останат речиси 90.000 лица, а голем број од нив ќе останат без своите работни места и поради автоматизацијата, односно роботите и софтверот што ќе ја заменат човечката работна сила во фабриките. Сепак, со нивниот песимизам не се согласуваат првите луѓе на главната германска организација на автомобилската индустрија (ВДА), кои порачуваат дека предвидувањата се базирани на нереално екстремно сценарио, пренесува „Ројтерс“.

Според информациите објавени минатата година, во германската автомобилска индустрија во 2018 година биле вработени 834.000 лица, што е најголем број на вработени по 1991 година. Ако се земат предвид очекувањата дека во 2020 година се очекува глобално намалување на продажбата на автомобили, може да се очекува дека и германските автомобилски компании ќе почнат со отпуштање на своите работници.

Во меѓувреме, најновите податоци покажуваат дека американската компанија „Тесла“ ја презеде позицијата на германски „Фолксваген“ како втор највреден производител на автомобили во светот, откако драматичниот пораст на цената на акциите ја крена нејзината пазарна вредност на над сто милијарди долари. „Тесла“ неодамна соопшти дека во 2019 година продала над 367.500 автомобили, што е за дури 50 отсто повеќе од 2018 година. Инвеститорите очекуваат дека новата фабрика на „Тесла“ во Шангај ќе ѝ овозможи на американската компанија голем пробив на кинескиот пазар.