Европската комисија ќе ги разгледа внимателно буџетските последици од мерките објавени синоќа од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да го смири гневот на „жолтите елеци”, изјави заменик-претседателот на ЕК, Валдис Домбровскис.

– Ги следиме одблизу новите најавени мерки, но не можеме да ги коментираме пред да бидат претставени во детали, додаде комесарот задолжен за еврото и социјалниот дијалог. Тој тоа го изјави во Стразбур, каде што се одржува пленарна седница на Европскиот парламент.

Под притисок на социјалното незадоволство на „жолтите елеци”, претседателот Макрон вчера објави зголемување на минималната плата за 100 евра месечно од 2019 година, поништување на зголемувањето на даноците на пензиите под 2.000 евра и ослободување од даноци за прекувремена работа.

Овие мерки ќе ја чинат земјата меѓу осум и 10 милијарди евра, рече францускиот државен секретар за јавни работи и финансии.