Европската комисија го поздравува укинувањето на планираната такса за граѓаните на ЕУ кои сакаат да престојуваат во Обединетото Кралство по брегзит, но тоа не претставува напредок во преговорите, изјави денеска портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, укинувањето на таксата за престој од 65 фунти е добредојдена во ЕУ, но за сега земјите членки на Унијата не се изјасниле за тоа дали ќе воведат реципрочни мерки за британските граѓани.

Тоа прашање и припаѓа на секоја земја членка поединечно, а не на Европската Комисија, потсети портпаролот на оваа институција.

– Но, во поширок контекст ова не претставува дополнително појаснување на намерите како што очекуваме, во однос на уредното повлекување на Обединетото Кралство, предупреди Схинас.

Откако британскиот Парламент минатата недела го отфрли договорот за брегзит, европските институции и земјите членки порачаа дека чекаат од Лондон да се изјасни што точно сака и повторија дека „подобар договор не е можен“.

Меѓутоа, вчера, полскиот министер за надворешни работи, Јацек Чапутович, изјави дека се потребни „храбри потези“ за брегзит и додаде дека постои можност да им се понуди на Британците заштитниот механизам за ирската граница да биде привремен со временско ограничување, од, како што рече, “на пример, пет години“.

Оваа изјава ги разлути европските дипломати кои ги брифираат новинарите во Брисел, оценувајќи дека со ваквата изјава Полска го става во опасност единството на Европската Унија за брегзитот.

Запрашан дали ЕК има реакција на оваа изјава, Схинас повтори дека „ЕУ има едногласен став за договорот за истапување“ и дека „оваа изјава не е дел од тој став“.