Европската Комисија ги презентираше своите препораки до земјите членки за безбедноста на 5Г мрежата и опремата на кинескиот гигант Хуавеи. Европската извршна власт, иако не се произнесува за забрана на кинеската технологија на европско тло, бара од земјите внимателно да ги анализираат ризиците.

Развојот на 5Г технологијата отвора врата за опрема од Хуавеи на европско тло, што според САД претставува безбедносен ризик поради сомнежи дека компанијата би можела да го искористи својот пристап за да шпионира за кинеската Влада. Поради тоа, американскиот претседател Доналд Трамп побара од европските земји да му забранат пристап на Хуавеи во Европа.

ЕК, меѓутоа, не се произнесе за забрана во своите препораки, иако им сугерира на земјите да останат внимателни и им остава слобода да изберат забрана доколку оценат дека националната безбедност им е загрозена.

Препораката објавена вчера посочува дека земјите членки на ЕУ треба до крајот на јуни да спроведат безбедносна процена на ризиците кои произлегуваат од инфраструктурата на 5Г технологијата.

До октомври 2019 година Европската агенција за кибер-безбедност треба да спроведе европска евалуација на тие ризици, а до декември годинава, посебна група за координација има задача да создаде алатки кои ќе им овозможат на земјите членки да одговорат на евентуалните закани на национално и на европско ниво. Потоа, препорачува ЕК, до крајот на 2020 година, земјите членки и Европската Комисија, заедно, ќе ги проценат резултатите од оваа препорака и ќе одлучат дали се потребни дополнителни мерки.

Хуавеи изрази задоволство за таквото позиционирање на европските институции, нарекувајќи го „објективно и пропорционално“.

Сепак во тие алатки кои треба да ги изготви групата за координација не се исклучува можноста да му се изрече забрана на Хуавеи доколку безбедносните процени ја оправдуваат.

– Не сакам да шпекулирам, прво да ги направиме безбедносните процени, изјави потпретседателот на ЕК, Андрус Ансип.

Земјите членки имаат право да им забранат пристап на приватни компании до своите пазари доколку е загрозена националната безбедност и доколку компаниите не ги почитуваат правните норми на земјата.

– Препораката на ЕК остава на самите земји членки да ги дефинираат безбедносните критериуми поврзани на 5Г мрежата, вклучително и „обврзувачки критериуми за спроведување на системите за сертификација за кибер-безбедност“, се наведува препораките.

Истовремено во Париз вчера се одржа мултилатерална средба помеѓу кинескиот претседател Си Џинпинг, францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. На средбата, според официјалните информации, не станало збор за 5Г технологиите, туку за иднината на стратешката соработка меѓу ЕУ и Кина.