Европската Комисија(EK) ги откри своите планови за преминување на гласање од консензус на квалификувано мнозинство во одреден број области.

За разлика од шпекулациите кои кружеа во јавноста дека оваа реформа ќе се однесува на проширувањето и приемот на нови земји членки во ЕУ, документот објавен вчера посочува дека „ЕK ќе бара повеќе гласање со квалификувано мнозинство во областа на енергијата, климата, даноците и социјалната политика“. Никаде во новата работна програма на ЕК не се споменуваат надворешната политика и проширувањето во овој дел.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, предлогот на Европската Комисија е дел од редовната годишна работна програма на оваа институција која беше објавена вчера и во која се најавуваат политичките цели кои извршната власт ќе се обиде да ги постигне во наредната година.

Освен предлогот за гласање со квалификувано мнозинство во одредени области, Европската Комисија планира да презентира „ограничен број на нови иницијативи“, вкупно петнаесет, од кои сите ќе бидат незаконодавни, освен оние кои се однесуваат на Брегзит. Ова е согласно волјата на претседателот на Европската Комисија да се намали обемот на законодавни регулации во ЕУ.

ЕК изрази волја да се фокусира на постоечките законски иницијативи, на имплементација како да укинат седумнаесет предлози со цел подобрување на ефикасноста на фунцкионирањето на Европската Унија во делот на одлучувањето.

Во наредната година, која е изборна во ЕУ, извршната власт сака да се фокусира, меѓу другото, на развој на вештачката интелигенција во Европа и да предложи акционен план за дезинформации. Другите амбиции на ЕК ја вклучуваат, на пример, животната средина, здравството, економијата, миграцијата и владеењето на правото.

Новите политички приоритети на Европската Комисија се фокусираат на зајакнување на улогата на ЕУ на глобалната сцена и зајакнување на демократските процеси, стои во документот на ЕК.