За време на конференцијата за климатски промени на ООН (КОП26), двесте држави ќе ги претстават своите планови за намалување на штетните емисии до 2030 година. Во 2015 година, повеќето земји се согласија да направат промени за да го задржат глобалното затоплување под 2 Целзиусови степени од прединдустриските нивоа и да се обидат да ја одржат целта од 1,5 Целзиусов степен, со што би се избегнала климатска катастрофа. Овој состанок стана познат како Париски климатски договор.
Светот сè повеќе се затоплува во голема мера поради емисиите на фосилни горива предизвикани од луѓето. Како резултат на тоа, сè почести стануваат екстремните временски услови поврзани со климатските промени, како што се топлотните бранови, поплавите и шумските пожари.
Посветеноста на Кина е од клучно значење, бидејќи е најголемиот загадувач во светот, поради зависноста од јаглен и инвестициите во термоцентрали на ова гориво. Австралија исто така е најголем извозник на јаглен. Иако начелно го прифати Парискиот климатски договор, таа оттогаш се противи на обврската за сведување на штетните емисии на нула до 2050 година, за разлика од Велика Британија и САД. Австралискиот премиер Скот Морисон дури и се двоумеше дали да присуствува воопшто на настанот и беше критикуван затоа што не покажал доволно ентузијазам за справувањето со климатските промени.