Откако напаѓач минатата недела пукаше во синагога во Повеј, во близина на Сан Диего, САД тој усмрти една личност и повреди тројца, а нападот има пошироки импликации, пренесува магазинот „Атлантик“.

Сличен беше и случајот со нападите во двете џамии во Крајстчрч, Нов Зеланд, минатиот месец. Ваквите напади ги исполнуваат луѓето со сомнеж и со недоверба, бидејќи не постои можност да се предвиди кога и каде ќе се случи наредниот напад.

Во двата случаи во Калифорнија и Нов Зеланд, напаѓачите објавија свои известувања, мотиви и доказ дека ќе го изведат нападот на интернет-страницата „8чан“, чии  корисници се анонимни. Брентон Тарант таму го сподели својот манифест, а исто така нападот го пренесуваше во живо, во категоријата насловена „политички некоректен“.

Според одредени информации, напаѓачот од Сан Диего исто така ги споделил своите планови на истата страница, наведувајќи ги нападите во Крајстчрч и во Питсбург како главна мотивација да го изведе нападот во синагогата. Тој, исто како и напаѓачот во Крајстчрч, се обидел да го пренесе нападот на синагогата во живо, но наводно, имал проблеми да го стори истото.

Но, прикриените искривени сфаќања господарат на „8чан“. Ваквите напаѓачи често оставаат датотеки со документи кои содржат материјали од нивните екстремистички идеологии кои честопати им служат на другите анонимни посетители на страницата, за информации, но и за инспирација. Токму тоа, им е цел на напаѓачите, за нивните зборови слепо да бидат следени и споделувани.

Дури и мемињата (слики со комичен карактер), самите по себе станаа содржина за сомнеж поради нивната содржина. Напаѓачот на Крајстчрч за време на нападот изјави гледачите да го заследат познатиот јутубер Пјудипај, кој неколкупати беше поврзуван со антисемитизам и со екстремни десничарски изјави. Ден по нападот во Повеј, јутуберот, чие вистинско име е Феликс Келберг, јавно повика мемето да не се употребува, откако над Њујорк беше забележан авион на кој било закачено платно со истиот натпис.

Во минатото, потенцијалните терористи беа  регрутирани поради нивната подложност кон приклучување на одредени терористички групи, кои имаат за цел да ги искористат за свои намени. Овој феномен, попознат како радикализација, е усвојување на екстремна идеологија која има потенцијал на крајот да ескалира со извршување на некој насилен акт. На „8чан“, ваквата радикализација честопати е насочена кон индивидуи кои не се ниту свесни дека се подложни на екстремистичка идеологија.