Екстремистите на Боко Харам годинава убиле најмалку 275 луѓе на крајниот север од Камерун и покрај тврдењата од почетокот на годинава дека групата ослабела во таа област, објави „Амнести интернешнел“.

Повеќе од 80 отсто од жртвите кои се убиени во периодот од јануари до ноември се цивили, наведе меѓународната организација за заштита на човековите права по двонеделната мисија во таа област.

Регионалниот директор на „Амнести“ за Западна и Централна Африка, Ал Самира Дауд посочи дека луѓето во тој дел на Камерун живеат под терор.

– Многу од нив биле сведоци на нападите на Боко Харам и изгубиле членови на семејствата или пријатели во тие напади. Тие веќе не се прашуват дали ќе има нови напади, туку кога ќе се случат. Чувствуваат дека властите целосно ги напуштиле – вели таа.

Еднодеценискиот бунт на Боко Харам, почнат на североистокот од Нигерија, се прелеа преку границите во Камерун, Нигер и во Чад. Таа исламистичка група уби десетици илјади луѓе и принуди милиони да ги напуштат своите домови, пренесува „Асошиетед прес“.

Изминатите години многу борци на Боко Харам се приклучија кон Исламска држава, создавајќи на тој начин нова закана. Таа група беше одговорна за киднапирањето на речиси 300 нигериски ученички од Чибок во 2014 година, од кои повеќето беа ослободени.