Основачот на „Викиликс“ е поборник за демократија, а обвиненијата против него влијаат врз новинарите во светот

Автор: Луиз Инасио Лула да Силва, поранешен претседател на Бразил

Гардијан

Британските судови наскоро ќе одлучат за судбината на австралискиот новинар Џулијан Асанж, човекот кој неправедно беше обвинет за криминал. Асанж не стори никаков криминал. Тој е поборник за слобода.

Велика Британија ќе одлучи дали ќе го прифати или одбие барањето за екстрадиција на Асанж во САД каде што треба се соочи со 18 обвиненија против него, поднесени од страна на тамошната влада. Ако биде екстрадиран, Асанж (49) ќе оди на судење и би можел да добие до 175 години казна затвор, што е еднакво на доживотна казна.

Мораме да спречиме да се случи вакво нешто. Апелирам до сите оние кои се посветени на каузата за слободата на говор во секој дел од светот да ми се приклучат во меѓународните напори за одбрана на невиноста на Асанж и барањето за негово итно ослободување.

Ова е првпат во историјата на САД еден новинар да биде обвинет според законот за шпионажа за објавување на точни информации. Сепак, светот знае дека Асанж никогаш не шпионираше за САД. Тој само ги објави документите кои ги доби од Челзи Менинг, американската воена разузнавачка аналитичарка кој служеше во Ирак и Авганистан. Менинг беше осудена, притворена и издржуваше казна затвор од седум години. Сега таа е веќе на слобода.

Сите ние знаеме дека американската влада сака да му се одмазди на Асанж. Во соработка со „Њујорк тајмс“, „Ел паис“, „Ле монд“, „Гардијан“ и „Шпигел“, Асанж ги разоткри ѕверствата и воените злосторства на САД за време на инвазиите во Ирак и во Авганистан, како и мачењето на затворениците во „Гвантанамо“. Светот исто така се сеќава на страшната видео-снимка која Асанж ја објави, а која беше снимена од воен хеликоптер, на која се забележуваше како американски војници отвораат оган низ улиците во Багдад, очигледно од чисто задоволство, и убиваат 12 невооружени цивили од кои двајца меѓу нив беа новинари на „Ројтерс“.

Покрај сите овие причини, Бразилците имаат уште еден долг кон Асанж. Документите објавени на неговата страница „Викиликс“ открија разговори кои се случувале во 2009 година меѓу оние кои подоцна ќе станат дел од администрацијата на Темер, која во 2016 година ја сруши владата на Дилма, и високи претставници од Стејт департментот за прашања поврзани со приватизацијата на бразилските подводни нафтени резерви.

Со тоа што Асанж ги објави овие документи, Бразилците дознаа за врската меѓу човекот кој подоцна стана министер за надворешни работи во владата на Темер, Жозе Сера, и извршни лица од северноамериканските нафтени гиганти „Ексон мобајл“ и „Шеврон“.

Обвинението усвоено од страна на администрацијата на Трамп за да ги оправда обвиненијата против Асанж дека се обидел да ѝ помогне на Челзи Менинг да изврши хакерски напад на владините компјутери е подеднакво опасно и лажно. Лажно е затоа што единствениот обид на Асанж беше да го заштити идентитетот на својот извор, што е право и обврска на сите новинари. Опасно е затоа што секој етички истражувачки новинар има обврска да го посоветува својот извор како да избегне апсење. Ако ова стане казниво, тогаш се загрозуваат сите новинари во светот.

Кога Жаир Болсонаро се обиде да го обвини американскиот новинар Глен Гринволд на почетокот од оваа година за објавување на корупцијата која доведе до моето незаконско апсење и притворање, бразилската влада ја копираше ваквата нова и опасна теорија која САД ја користеа против Асанж.

Сите лица и институции посветени на слободата на говорот, но не само водечките медиуми со чија помош „Викиликс“ ги обелодени тајните на Вашингтон, имаат една неопходна задача, а тоа е да бараат итно ослободување на Асанж. Сите знаеме дека обвиненијата против него претставуваат директен напад врз правата од првиот амандман во американскиот устав, со кој се гарантира слободата на изразување на медиумите. Знаеме дека договорите меѓу САД и Велика Британија забрануваат екстрадиција на лица обвинети за политички злосторства.

Сепак, реални се ризиците дека Асанж може да биде екстрадиран. Ниту еден човек кој верува во демократијата не може да дозволи некој кој дал таков важен придонес за каузата на слободата да биде казнет за тоа. Асанж, повторувам, е поборник за демократијата и треба веднаш да биде ослободен.

Превод: Билјана Здравковска