Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, го нарече шефот на Комитетот на началниците на генералштабовите на американската армија, генерал Марк Мили, „проклет идиот“, поради повлекувањето на војниците од Авганистан, објави британски „Експрес“.

Трамп синоќа, говорејќи на настан Мар-а-Лаго, организиран од конзервативната организација Turning Point Action, кажа дека началникот на Армијата на САД, генерал Мили, се обидел да му докаже дека при повлекувањето на американските трупи од Авганистан ќе биде поевтино да се остави сета воена опрема во земјата отколку да се изнесе.

– Имате авион од 50 милиони долари. Имате прекрасен хеликоптер од 29 милиони долари. Имавме секакви хеликоптери. Многу од нив се сосема нови, буквално само што отпакувани. Дали мислите дека е поевтино да го оставите таму за да го земат, отколку да го наполните со половина резервоар гас и да го однесете во Пакистан или да го вратите во нашата земја? – праша Трамп и додаде дека тој од Авганистан би зел сè што припаѓало на САД.

Според „Експрес“, Трамп претходно кажал и дека Русија и Кина ги демонтирале и проучувале хеликоптерите што САД ги оставиле во Авганистан. Според него, Русија и Кина веќе имаат модели на американски хеликоптери кои наскоро ќе бидат усовршени.