Експлозијата во руската база за лансирање на проектили во селото Нионокс предизвика покачување на нивото на радијација, по што во јавноста се појавија сомнежи дека инцидентот се случил за време на тестирањето на нова ракета на нуклеарен погон, пишува „Дојче веле“.

Овие сомнежи најверојатно се појавија по изјавата на рускиот претседател Владимир Путин на први март минатата година, во која тој ги спомнува новите ракети со нуклеарен погон на неговата држава. Путин дури прикажал и анимирано видео од ракетите. Но, на јавноста ѝ било нејасно дали ракетите прикажани на анимираното видео на Путин всушност постојат.

Руската нуклеарна агенција „Росатом“ соопшти дека експлозијата во базата за лансирање проектили имала нуклеарни карактеристики, како и тоа дека пет лица загинале. Атомската агенција прецизира дека нејзиниот персонал обезбедувал техничка поддршка за изотопски извор на енергија за мотори на проектили.

Изјавата на агенцијата покрена голем број прашања бидејќи повеќето изотопи се радиоактивни и обично не се користат како гориво за ракети со течен погон.

Руската државна метеоролошка служба соопшти дека во градот Северодвинск (има 190.000 жители), што се наоѓа на 30 километри од базата, радијацијата се зголемила до 16 пати, а „Гринпис“ објави дека се зголемила за 20 пати. Во секој случај, и двете установи наведуваат на тоа дека нивото на радијација значително се зголемило по инцидентот.

Но, бидејќи ракетите со течен погон не испуштаат никакво зрачење, многу веројатно е дека ракетниот систем тестиран во руската база за лансирање на проектили е комбинација од конвенционални и од нуклеарни погонски системи.

И покрај тврдењата на Путин дека новата ракета била успешно тестирана во 2017 година, не постојат докази кои можат тоа да го потврдат.

Една недела по инцидентот руските власти издадоа наредба за евакуација на селото Нионокс која потоа беше повлечена. Претходно, тие не го признаваа покаченото ниво на радијација забележано од страна на локалната власт и меѓународните набљудувачи.