Негрижата и корупцијата се причинители за катастрофалната несреќа

Автор: Оз Катерџи

Форин полиси

Градоначалникот на Бејрут, Марван Абуд, се расплака додека даваше изјава за новинарите вечерта во вторникот кога пребаруваше дали има преживеани пожарникари низ рушевините од пристаништето и ја спореди катастрофата со последиците од експлозиите на атомските бомби во Хирошима и во Нагасаки.

Но Чернобил е посоодветна нуклеарна споредба за она што се случи во Бејрут. Експлозијата во магацинот завчера не се должи на некаков конфликт или намерен чин на насилство. Напротив, како и советската катастрофа, се должи на огромна неспособност, ендемична корупција и небрежност, а последиците ќе се почувствуваат многу пошироко од епицентарот на експлозијата.

Сегашните бројки по несреќата изнесуваат 135 загинати и илјадници повредени, а социјалните мрежи се преплавени со фотографии на исчезнати лица. Економските последици се погубни. Меѓу 250.000 и 300.000 лица останаа без покрив над главата што е околу 10 отсто од населението во градот. На илјадници им е потребна лекарска грижа во болниците кои веќе се полни со заболени од ковид-19. Материјалната штета се проценува на три милијарди долари.

Ова претставува огромен товар за државата каде што повеќето веќе едвај крпат крај со крај. Дури и пред експлозијата, Либан веќе беше на раб на катастрофа. Бегалската криза од војната во соседна Сирија трае веќе десет години, а Либан се бори да ги исполни барањата за помош на 30 отсто од раселеното население од сириската војна. Но, не се само бегалците оние кои имаат тешкотии да ги остварат своите животни потреби, туку и Светската програма за храна забележа дека речиси половина од Либанците се борат да ги задоволат основите потреби за храна.

Пандемијата веќе ги турна на колена либанските болници, а ковид-19 ја погоди државата за време на досега невидената сиромаштија со тоа што економијата се дави во сопствените долгови. Цената на храната веќе се зголеми за 247 отсто, а со уништување на тони преостанати резерви на храна во експлозијата на пристаништето и уништувањето на главната инфраструктура, состојбата многу брзо ќе се влоши. Дури и пред експлозијата, дел од либанските демонстранти почнаа и да се самозапалуваат.

Иако деталите допрва ќе се дознаат, официјалниот извештај на либанските власти е дека пожар во магацинот се проширил кон пратката со амониум нитрат која била истоварена од брод на пристаништето во 2013 година и оттогаш таму се чувала. Дали можеби тоа што властите биле намамени од финансиска добивка довело до складирање на опасен и високо експлозивен материјал во центарот на Бејрут? Некои либански новинари го поставија ова прашање откако беа откриени документи поврзани со примањето на пратката. Без разлика дали корупцијата, небрежноста или опасната комбинација на двата фактори е причината за катастрофата, ние можеби никогаш нема да ја дознаеме вистината.

Но одговорноста дефинитивно не е на работниците на пристаништето кои не успеаја да ги извршат редовните проверки или земале мито за да ги избегнат проблемите. Одговорноста е кај лицата кои таму ги вработиле и создале нефункционален систем. Иако либанската граѓанска војна официјално заврши во 1990 година, повеќето од преживеаните воени лидери, кои ја избегнаа одговорноста за долгогодишните ѕверства, ги заменија паравоените униформи со костуми и ја презедоа власта во она што остана од повоената и нестабилна либанска држава.

Либанските владејачки класи максимално ги исцрпеа државните ресурси и притоа не снесоа никаква законска одговорност со генерации. Нивната корупција и алчност постојано го вовлекуваа Либан во криза и тоа без притоа да се има предвид раширеното секташтво на политичката елита. Државата ја мачат и непочитувањето на законодавството и вкоренетата неспособност. Тековната криза вклучуваше повеќемесечни протести против либанската влада и притоа се обединија либанските секти под слоганот „сите значи сите“, што претставува осуда за целата владејачка класа и отфрлање на државниот секташки политички систем.

Чернобил не беше само приказна за катастрофалната несреќа со тестирањето во советската нуклеарна централа, туку се должеше на тоа како ендемската ароганција, небрежност, кариеризам и авторитаризам создадоа систем кој ја допушти таквата трагедија. Исто така, приказната за експлозијата во магацинот во Бејрут не е само градежна несреќа која доведе до трагедија, туку се работи за приказната како една банда на воени лидери создадоа држава и владееја со предрасуди, неспособност и целосна негрижа за човечкото страдање додека безобразно го ограбуваа беспомошното население. Исто како во случајот со Чернобил, веројатно никој од вистинските одговорни за катастрофата нема да бидат изведени пред лицето на правдата.

Превод: Билјана Здравковска