Додека Украина во 2014 година беше зафатена во конфликтот со сепаратите, на истокот на Чешка одекнаа две експлозии во складиште со муниција. Доколку во тоа време постоеше некаква поврзаност помеѓу двата инцидента, таа никогаш не беше јавно откриена, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Но, чешките власти завчера објавија вчудоневидувачко обвинение против Русија и директно ги поврзаа инцидентите со експлозиите и руската воено-разузнавачка агенција, или поконкретно, дивизијата позната како Единица 29155, која се поврзува со обиди за атентат и други субверзивни акции изведени низ цела Европа.

– Постојат докази за вмешаност на офицери на руската разузнавачка служба во експлозијата на складиштето за муниција – рече чешкиот премиер Андреј Бабиш на завчерашната прес-конференција, додавајќи дека 18 членови од персоналот на руската амбасада се протерани.

Со оваа објава, чешките власти повлекоа индиректна линија, не само со конфликтот меѓу Украина и Русија, туку и со мистериозното труење на бугарскиот трговец на оружје, Емилијан Гебрев, кое се случи шест месеци подоцна во Софија.

– Без дополнителни детали, потврдувам дека е во тек меѓународна соработка во врска со ова прашање, вклучително и соработката со Бугарија – изјави Јан Хамачек, чешкиот министер за надворешни работи.

Поранешен висок украински службеник за безбедност исто така потврди дека Киев побарал помош од Гебрев за набавка на муниција во 2014 година. Доколку поврзаноста помеѓу експлозиите и труењето на Гебрев биде потврдена, таа ќе фрли нова светлина и ќе открие детали околу наводната активност на тајната Единица 29155 низ Европа. Единицата го привлече вниманието на јавноста откако поранешниот руски воен разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка се разболеа во Англија.

Скрипал беше осуден за предавство во Русија пред повеќе од една деценија за наводно откривање на доверливи информации на западните разузнавачки служби. Британските власти утврдиле дека супстанцијата на која Скрипал бил изложен е моќниот нервен агенс „Новичок“.

На 28 април 2015 година, пак, на Гебрев и на неговиот син им се слошило и почнале да халуцинираат. Гебрев паднал во кома, но се опоравил. Иако бугарските истражители направија мал напредок во откривањето на виновникот за инцидентот, три години подоцна се појавија назнаки за поврзаноста на оваа случка со труењето на Скрипал.

Во соработка со ФБИ, британските разузнавачки служби и други агенции, бугарските власти заклучија дека кваката на автомобилот на Гебрев била намачкана со некаква супстанца. Тие открија дека познат руски оперативец, кој се верува дека е дел од Единица 29155, патувал во Англија за време на труењето на Скрипал. Како што тврдат, истиот оперативец во тој период во повеќе наврати патувал и во Бугарија.

– Улогата на Гебрев во обидот за продажба на оружје во Украина не е целосно позната. Новинските извештаи велат дека неговата компанија, „ЕМЦО“, навистина има потпишан договор со украинската влада во 2014 година за снабдување на артилериска муниција. Сепак, Киев во октомври 2014 година се обидел да набави муниција од Бугарија, во исто време кога се случија чешките експлозии – тврди „Радио Слободна Европа“.

Не е познато зошто чешките власти одлучија токму сега јавно да ги објават своите обвинувања против Русија. Одлуката на Прага за протерување на руските дипломати беше брзо поздравена од амбасадата на САД. Се верува дека протерувањето на дипломатите е дел од санкциите кои имаат за цел да извршат притисок врз Русија за таа да ги повлече нејзините трупи од границата со Украина.