Еквадор ги отфрли тврдењата на Викиликс дека планира да го исфрли основачот на организацијата Џулијан Асанж од својата амбасада во Лондон, нарекувајќи ги „лажни вести“ кои имаат за цел поткопување на достоинството на земјата.

Во соопштение објавено синоќа, Министерството за надворешни работи на Еквадор демантираше дека има договор со Велика Британија за апсење на Асанж.

– Ширејќи такви вести, барателот на азил и неговите соработници уште еднаш изразуваат неблагодарност и непочитување кон Еквадор, соопшти Министерството.

Британската полиција вчера распореди свои вооружени припадници пред еквадорската Амбасада во Лондон откако на профилот на Викиликс на Твитер беше објавено сознание од високи извори дека основачот на организацијата Џулијан Асанж би можел да биде исфрлен од објектот „во наредните часови или денови“.

Локалните медиуми јавија дека ситуацијата во Амбасадата е мирна и оти ниту еден нејзин вработен, ниту британските власти не го коментираа статусот на Твитер.

Лондонската полиција соопшти дека нема промени во полициската процедура. Во соопштението се додава дека има активен налог за апсење на Асанж и оти полицијата „има обврска да постапи по тој налог доколку тој ја напушти Амбасадата“.

Британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант потоа изјави дека Асанж е „слободен човек“ и кога ќе одлучи може да ја напушти Амбасадата на Еквадор во Лондон.

– Тој може да ја напушти Амбасадата кога ќе посака и ние сакаме таа ситуација да се реши што побрзо, рече Хант.

Секојдневната полициска стража пред Амбасадата беше укината во октомври 2015 година повеќе од три години откако беше воспоставена и се премина на она што полицијата го нарече „прикриено“ дејствување.

Асанж е во еквадорската Амбасада од август 2012, откако се засолни поради стрв дека британските власти ќе го уапсат и екстрадираат во САД кои го бараат поради објавување илјадници тајни воени и дипломатски документи.