Владејачката партија Единствена Русија, поддржана од Кремљ, е на пат да постигне удобна победа во долниот дом на рускиот парламент, откако викендов заврши гласањето во земјата. Иако изборниот циклус мина без застои, сепак, од страна на опозицијата беше проследен со обвинувања за нерегуларности и манипулирање со гласачките ливчиња. Имено, по преброени речиси 84 проценти од гласачките ливчиња до затворањето на весникот, Изборната комисија соопшти дека Единствена Русија, која го поддржува претседателот Владимир Путин, освоила речиси 50 проценти од гласовите за новата Државна дума.
Нејзиниот најблизок ривал, Комунистичката партија, има околу 21 отсто, а националистичката Либерално-демократска партија доби околу 8 проценти.
Потврдувајќи го мнозинството во новата Дума, генералниот секретар на Единствена Русија, Андреј Турчак, им рече на поддржувачите во седиштето на партијата дека победата е „чесна и чиста“.
Инаку, на изборите им недостигаше значајно присуство на опозицијата, откако властите прогласија дека организациите поврзани со затворениот опозиционер Алексеј Навални се „екстремисти“, со што практично на никој од неговата мрежа не му беше дозволено да се кандидира.