Единицата за борба против тероризмот на британската полиција ја води истрагата за денешниот инцидент во Лондон, кога маж со автомобил удри во безбедносната ограда поставена пред зградата на Парламентот, објави Метрополитен полицијата на Твитер.

Во инцидентот повредени се двајца пешаци, кои се префрлени во болница. Според првичните информации тие не се сериозно повредени.

Претходно во соопштението на Скотланд јард беше наведено дека „во 07.37 автомобил удри во оградата пред зградата на Парламентот. Возачот е приведен од полицијата на лице место. Неколку пешаци се повредени. Полицијата и понатаму е на терен“.

Зградата на британскиот Парламент е опкружена со челични и бетонски заштитни огради. Пратениците се на летна пауза, така што Парламентот воглавно е празен.

Во Велика Британија минатата година беа извршени низа напад при што вкупно загинаа 36 лица, а 200 беа повредени. Одговорност за четири напади презеде Исламска држава.

Во нападот од март 2017 година, 52-годишниот Халид Масуд со автомобил усмрти четири пешаци на Вестминистерскиот мост, а потоа со нож избоде до смрт невооружен полицаец пред британскито Парламент. Напаѓачот беше застрелан од полицијата.