Вооружените напаѓачи убија единаесет таксисти во Јоханесбург кога се враќале од погреб на нивни колега, соопшти портпаролот на полицијата.

Возачите, сите од здружението Гаутенг, се возеле во минибус при враќањето од гробиштата кога од заседа биле нападнати со огнено оружје.

– Дојде до пукање. Возилото го нападнаа од заседа. Единаесет лица загинаа, додека четворица се сериозно повредени и се наоѓаат во болница, соопшти полицискиот портпарол Џеј Најкер.

– Дознавме дека станува збор за членови на такси компанијата Гаутенг. Има многу насилство во оваа област поврзано со такси услугите, но се уште истражуваме кои се напаѓачите , додаде портпаролот.

Такси превозот со минибус е најпопуларната форма на транспорт во Јужноафриканската Република, а насилството е присутно меѓу конкурентски групи кои меѓусебе се борат за доминација и профитабилни маршрути.