Полицијата во Берлин објави дека 49-годишен маж починал откако полицијата го уапсила за време на протестот против мерките во борбата против коронавирусот што се одржа вчера.

Германската полиција соопшти дека мажот се пожалил на пецкање во раката и градите додека полицијата ја проверувала неговата лична карта во берлинскиот кварт Мите, каде илјадници демонстранти се собраа и покрај официјалната забрана за протести.
„Полицијата му пружила прва помош на мажот додека не пристигнала брза помош и го однела во болница, каде подоцна починал“, соопшти полицијата.

За неговата смрт е отворена истрага.

За време на протестот, на кој дојде до судири меѓу полицијата и демонстрантите, беа приведени околу 600 луѓе. Портпаролката на полицијата рече дека властите сѐ уште се обидуваат да утврдат колку демонстранти и полицајци се повредени.
Германија олесни многу од мерките воведени во врвот на пандемијата, но некои мерки како што се носење маски во затворени простории и покажување негативни тестови за ковид -19 или сертификати за вакцинација сѐ уште се во сила.