Во светот има рекорден број од 80 милиони раселени лица, што претставува повеќе од еден отсто од светската популација, кои се соочуваат со војни, насилство или прогон, се вели во новиот извештај на Високиот комесаријат на за бегалци во ОН (УНХЦР).
Кон крајот на 2019 година околу 79,5 милиони луѓе биле или се бегалци, баратели на азил или лица што се отселени од сопствените домови или земја, со се помали изгледи да се вратат.

– Еден процент од светското население не може да се врати во домовите поради војни, прогони, кршење на човековите права или други облици на насилство – изјави Филипо Гранди, раководител на УНХЦР во разговор за „Франс прес“.
Според тенденцијата забележана од 2012 година, бројот на раселените лица е поголем од претходната година, што значи дека во светот има повеќе судири и насилство. Пред десет години имаше 40 милиони раселени, но загрижува тоа што нивниот број постојано расте.

– Меѓународната заедница е поделена, неспособна да направи мир. Стравувам дека следната година ќе биде уште полоша – изјави Гранди.
Околу 68 отсто од сите бегалци во светот доаѓаат од пет земји: Сирија, Венецуела, Авганистан, Јужен Судан и Мјанмар.