За мајките, тој беше познат како донатор 9623. Тие не го знаеја неговото име, но преку неговиот профил во клиниката за донирање сперма дознаа дека има коефициент на интелигенција од 160, зборува четири јазици, работи на стекнување на докторат во неуроинжинеринг и изгледа како Том Круз, пишува „Атлантик“.

Но, донаторот беше лажно претставен. Тој не работеше на докторат, а дури не ни го завршил факултетот. Лагите почнаа да се откриваат во 2014 година кога банката за сперма случајно го откри неговото име – Крис Агелс, како и неговиот мејл, во порака до група на мајки. Дотогаш спермата која ја донираше во изминатите 14 години била испратена до повеќе сојузни држави во САД, како и до три странски држави, што резултираше со раѓање на 36 деца. Мајките кои случајно наидоа на новите информации, со пребарување на неговиот идентитет преку Гугл, открија коментар кој Агелс го оставил на Интернет, во кој вели дека „слуша гласови“. Тие подоцна дознаа и дека тој бил хоспитализиран поради психолошки нарушувања, дека бил суициден и оти се изјаснил како виновен за провала, пред или во тек на периодот во кој донирал сперма.

Крис Агелс

Банката за сперма „Кситекс“ немала сознанија за овие информации и не ги потврдила биографските податоци кои биле наведени во профилот на Ангелес, според поднесените тужби на мајките. Жените биле особено шокирани кога сфатиле колку нерегулирани се банките за сперма. А сега се загрижени дека нивните деца можеби наследиле предиспозиции за психолошки нарушувања. Од 2016 година, тие поднеле десетици тужби против банката за сперма, а еден случај моментно е во тек во Врховниот суд во американската сојузна држава Џорџија.

„Атлантик“ наведува дека клиниките за оплодување и банките за сперма во САД остануваат без соодветна законска регулација, и покрај тоа што со нивна помош се раѓаат илјадници бебиња годишно. А грешките, кога ќе се случат, имаат длабоки егзистенцијални последици.