Надин Ашраф

Бунт против силувањето

Египќанките гласно зборуваат за сексуалните злосторства

Економист

Поголем дел од годинава, Египет се бореше со проблемот на сексуалното насилство и женските права. Мажите одамна го контролираат однесувањето на жените, со помош на застарени идеи за моралност, додека се толерираат злосторствата на мажите врз жените. Но неодамна, младите жени почнаа да ја предизвикуваат египетската конзервативна култура во која доминираат мажите, со помош на социјалните медиуми преку кои го искажуваат својот глас. Но не секогаш тоа оди добро.

Пресметката почна во јуни, кога студентка на Американскиот универзитет во Каиро (АУК) предупреди на Фејсбук за еден поранешен студент по име Ахмед Басам Заки, кого го обвини за сексуално вознемирување и уценување на жени. Неколку дена подоцна, откако таа објава исчезна, дваесет и двегодишната студентка по филозофија, Надин Ашраф, отвори профил на Инстаграм наречен „Пријави напад“ на кој повторно беа објавени обвиненијата против Заки и многу други. Потоа за кратко време тој беше уапсен. „Пријави напад“ се роди од гнев, како што вели Ашраф која исто така учи на АУК.

– Многу бев разочарана што гласот на жените не беше сериозно сфатен – вели Ашраф.

Кога се случуваше апсењето на Заки, други случаи почнаа да осамнуваат на насловните страници. Една жена тврдеше дека група на богати млади мажи ја дрогирале и групно ја силувале во хотел со пет ѕвезди во Каиро во 2014 година. Друга жена по име Аја Хамис, обвини еден маж за силување, а воедно ја обвини и полицијата, затоа што ги игнорирала нејзините тврдења. Се чинише дека во Египет почнуваше да се шири движењето „Сега кажувам“. Националниот совет за жени, кој е владино тело, испрати апел јавно да истапат други жртви на сексуално насилство. Парламентот одобри закон со кој им се гарантира анонимност. Профилот „Пријави напад“ сега има над 200.000 следбеници.

Но напредокот во голема мера е илузорен. Да го земеме за пример наводното групно силување кое беше пријавено дека било снимено од страна на напаѓачите. Неколку недели им беа потребни на активистите да спроведат кампања, пред Јавното обвинителство да преземе чекори, што им овозможи на осомничените да избегаат од државата. Пет мажи оттогаш беа уапсени, а најмалку двајца осомничени сè уште се во бегство. Тројца од уапсените беа обвинети за силување кое го негираат. Апсурдно е што властите исто така обвинија четворица кои се пријавија како сведоци (и двајца од нивните познаници) за кршење на законите за „морал“ и „разврат“. Медиумите го окарактеризираа инцидентот како „групна секс-забава“, клеветејќи ги сите вмешани, вклучувајќи ја и наводната жртва. Ова имаше спротивен ефект, односно жените кои претходно гласно зборуваа, сега почнаа да се кријат.

Откако Хамис беше одбиена од страна на полицијата, таа ги објави своите обвинувања на апликацијата за споделување кратки видео-снимки „Тик ток“ каде што има повеќе од 100.000 следбеници. Само неколку дена откако видео-снимката масовно се прошири на социјалните медиуми, полицијата ја собра целата група што се забавуваше таа вечер. Властите оддаваа впечаток дека се загрижени за нивната консумација на хашиш и за мешањето на неженетите мажи со жени, како и за тврдењето на Хамис дека еден маж одблиску ѝ се заканувал со жилет и ја силувал. Нејзините напаѓачи (таа обвини група на лица кои го овозможиле силувањето) беа обвинети за силување и други престапи. Но Хамис исто така беше обвинета за проституција, употреба на дрога и „кршење на семејните вредности“. Откако таа ја заврши програмата за „поправка на нејзините концепти“, обвиненијата против неа беа повлечени.

Овие случаи се типичен пример. Египет има закони против сексуално насилство и вознемирување (вториот беше воведен во 2014 година), но жртвите молчат од страв дека ќе бидат обвинети и посрамотени. Властите се познати по тоа што ги подложуваат жените на таканаречениот „тест за невиност“ и ги прашуваат за нивното сексуално минато, често користејќи ги информациите за да ги прикријат случаите. Законот е нејасен и всушност „претставува само парче хартија“, како што вели Селма Ел Тарзи, режисерка која се фокусира на сексуалното насилство. Вистинскиот проблем лежи во однесувањето на Египќаните.

Поголемиот дел од судиите и јавните обвинители во Египет се мажи. Тие одлучуваат што претставува кршење на египетските вредности. Во последно време тие го користат сајбер-криминалот за да спроведат строги мерки врз жените кои танцуваат и се забавуваат на Тикток. Од април, властите уапсија десет инфлуенсерки на Тикток под обвинение дека ги прекршиле семејните вредности и поттикнувале „неморал“ и „разврат“. Шест беа осудени на две години затвор, а две добија три годишни казни. Државата и натаму во целина останува конзервативна.

Превод: Билјана Здравковска