Египет поднесе барање за надомест на штета во висина од 916 милиони долари против јапонската фирма „Шоеи Кисен“, во чија сопственост е товарниот брод „Евер Гивен“, што го блокираше Суецкиот Канал речиси една недела, пренесуваат светските медиуми.

Осигурителната компанија „Ју-Кеј клуб“ која е задолжена за „Евергивен“, соопшти дека добила неколку побарувања за надомест за штета, а едно од нив е во висина од 916 милиони долари.

Околу една третина од оваа сума е „бонус за спасувањето“, а другата третина е за „нарушување на угледот“, велат од осигурителната компанија.

– И покрај големата сума, која во голема мерка не е поддржана, сопствениците и нивните осигурители преговараа во добра волја со властите на Суецкиот Канал – велат од осигурителната компанија.

Во меѓувреме беше издаден судски налог за бродот „Евер Гивен“ да не го напушта каналот додека траат преговорите. Откако беше одглавен на 29 март, „Евер Гавен“ се наоѓа во езеро што одделува два дела од каналот.

Бродот нема да го напушти каналот додека не заврши истрагата и не се исплати надоместокот. Резултатите од истрагата се очекува да бидат објавени до крајот на неделава.