Орбан честопати е критикуван поради раскошниот животен стил

Ресторан отворен за време на Австроунгарската империја е опфатен во расправата за начинот на владеење на унгарскиот премиер Виктор Обран, со што наиде на осуда од незадоволните граѓани кои протестираат во Унгарија, објавува Блумберг.

Критикуван од противниците за раскошот во кој ужива, Орбан, неодамна ја премести неговата канцеларија во некогашниот манастир во замокот Буда, со поглед на реката Дунав. А ресторанот „Гундел“ отворен во 1894 година, го доби договорот за снабдување на тамошната кафетерија со храна.

Со јадењата чии цени се меѓу 20 и 60 долари, ресторанот останува синоним за луксуз во Унгарија, особено за оние што се сеќаваат на него од периодот на комунизмот, и покрај тоа што дел од новите угостителски објекти го засенија.

Сепак, вестите според кои вработените во кабинетот на Орбан можат да јадат ручек кој се состои од два оброка, за три долари, предизвика гнев во државата во која просечниот работник плаќа поскапо за своите оброци. Ваквата информација поттикна голем број на негативни коментари насочени кон „Гундел“, на социјалните мрежи.

– Би сакал да го нарачам неделното мени. Испораката може да се изврши и со хеликоптер. Тоа е во ред, бидејќи сум пензионер – напиша Ференц Солноки на фејсбук-страницата на „Гундел“.

Од кабинетот на Орбан стигна објаснување според кое цените се пониски бидејќи во кафетеријата со самопослужување не се нудат истите јадења како и во ресторанот, како и дека цените се слични со кафетеријата во унгарскиот парламент.

Повеќе од десет илјади луѓе излегоа на протестите во Унгарија минатиот викенд, барајќи од владата да го укине т.н. „робовлателски закон“ кој им дозволува на работодавачите да бараат до 400 часа прекувремена работа годишно, од нивните вработени.

Ресторанот „Гундел“ претставува синоним за луксуз во Унгарија