Карин Кнајсел, министерка за надворешни работи на Австрија, земја претседавач со ЕУ, по актуелните настани во Украина изјави дека нови санкции против Русија не се исклучени.

По средбата со германскиот колега Хајко Маас таа рече дека наскоро ќе има седница на Советот на ЕУ, каде ќе биде разгледано прашањето за воведување нови санкции против Москва.

Сепак таа посочи дека претходно е неопходно да се разјаснат сите факти околу последниот инцидент меѓу Русија и Украина.

– Сè зависи од тоа што ќе утврдат фактите и како ќе се однесуваат Москва и Киев, рече таа, нагласувајќи дека сега станува збор за една изјава наспроти друга изјава.

Претседателот на Полска Анджеј Дуда денеска од Софија пораша дека официјална Варшава ќе поддржи какви и да се нови санкции против Москва.

– Доколку има меѓународна иницијатива за дополнителни санкции, Полска ќе учествува во тие иницијативи, бидејќи сме подготвени на сè што би придонело за решавање на судирот, рече Дуда за време на посетата на Бугарија.

Во меѓувреме и естонскиот министер за одбрана Јури Луик ја повика Европската унија да воведе нови санкции за Москва.

– Санкциите се веројатно најсилниот начин за да му сигнализираме на руското раководство дека сме сериозни, истакна Луик.

– По инцидентот во Керченскиот Теснец Европа можеби ќе мора да воведе построги санкции кон Русија, изјави денеска членот на Христијанско-демократската унија на Германија и член на германскиот парламентарен Одбор за надворешни работи Норберт Ретген.

– Според мене, такво однесување не може да помине без последици и не мислам дека некој би требало да каже дека нема да има понатамошни санкции, рече Ретген.

Тој истакна дека за сега нема разговори за построги санкции, но и оти тој „не би отфрлил таква можност“.

Руските сили на 25 ноември запленија три бродови на украинската морнарица во Керченскиот Теснец, меѓу Црното и Азовското Море, со образложение дека нелегално влегле во руски територијални води.