Загрижени од „подемот на национализмот и конзервативизмот” и „враќање назад” по прашањето за пристапот до абортус, 343 жени од 28 држави во Европа денеска потпишаа „манифест” за „легално и безбедно право на абортус во целата Европска унија”. 

Меѓу женските потписници има феминистки, универзитетски професорки, „обични граѓанки” и многу пратенички, главно од левицата и од зелените. Со тој документ, тие сакаат да го почитуваат познатиот манифест, со кој во 1971 година 343 Французинки изјавија дека направиле абортус, кој тогаш бил предмет на кривично гонење.

Нсловен „Моето тело, моите права”, документот го објави неделникот „Обс“, кој пред 47 години го испечати првиот манифест. 

Во текстот се вели дека правото на легален и безбеден абортус е извојувано во повеќе европски земји, но во некои други жени се уште немаат права на сопствените тела.

– Со овој апел одбиваме да отстапиме пред назадната политика на континентот, велат 343-те потписнички на манифестот.

Абортусот останува целосно забранет во Андора, Малта, Сан Марино и Ватикан, дури и во случај на силување, инцест, оштетување на плодот и опасност за животот на мајката.