Европските лидери му ја честитаа победата на новиот британски премиер Борис Џонсон, но многумина ги потенцираа предизвиците што допрва следат.

Џонсон претходно изјави дека Велика Британија треба да биде подготвена и за брегзит без договор.

Откако актуелната премиерка Тереза ​​Меј поднесе оставка во мај, Џонсон рече: „Ние ќе ја напуштиме ЕУ на 31 октомври, со договорот или без договор. За да добиеме добар договор потребно е да се подготвиме за брегзит без договор“.

Урсула фон дер Лајен, која ќе го преземе претседателството на Европската комисија на 1 ноември, реагираше на победата на Џонсон за време на прес-конференцијата со францускиот претседател Емануел Макрон.

-Постојат многу различни и тешки прашања со кои треба да се справиме заедно. Имаме предизвикувачки времиња пред нас. Мислам дека е многу важно да се изгради силен и добар работен однос, бидејќи сме должни да испорачаме нешто што е добро за луѓето во Европа и во Обединетото Кралство, па со нетрпение очекувам да работам со него, рече таа.

Сегашниот претседател на Комисијата, Жан-Клод Јункер му ја честита победата на Џонсон, велејќи дека со нетрпение чека да работи со него „на најдобриот можен начин“.

Главниот преговарач на ЕУ за брегзит, Мишел Барние, рече дека ЕУ очекува да работи конструктивно со премиерот „кога тој ќе ја преземе функцијата, за да се олесни ратификацијата на Договорот за повлекување“.

Чарлс Мишел, премиерот на Белгија, кој ќе го преземе местото претседател на Советот на ЕУ, на „Твитер“ напиша: „Важни предизвици пред нас, како што е #брегзит“.

Литванскиот комесар за здравство на ЕУ, Витенис Андриукаитис, го спореди Џонсон со поранешниот руски претседател Борис Елцин, велејќи: „Имаше нешто во начинот на политичкото работење што им е слично: многу нереални ветувања, игнорирање на економски разумни и рационални одлуки“.

Портпаролката на германската канцеларка Ангела Меркел објави на „Твитер“ дека канцеларката му честита на Џонсон и дека очекува да има добра соработка со него.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека со нетрпение очекува да соработува со Џонсон, не само на европските теми што ги делат и континуираните преговори за брегзит, туку и на меѓународните, како што се ситуацијата во Иран и меѓународната безбедност.