Повеќето европски земји вчера олеснија некои гранични контроли воведени за време на пандемијата, што претставува огромен чекор напред по тримесечните рестрикции на движењето поради коронавирусот. Германија, Белгија, Франција, Грција, Чешка се меѓу државите што први ги отворија своите граници, додека Австрија тоа го најави за в среда.

Како што пренесоа западните агенции, координираниот потег доаѓа откако Европската комисија минатата недела им препорача на земјите во блокот да ги отворат своите граници што е можно поскоро. Сепак, секоја земја спроведува различни правила, вклучувајќи барања за тестирање, карантини и специфични совети за патувања или ограничувања за одделни земји и региони.

Повторното отворање на границата доаѓа и покрај загриженоста дека коронавирусот може да се врати и во очекување дека многу Европејци можат да летуваат дома наместо да патуваат на друго место. Европа некогаш беше најтешко погодениот континент, но новите случаи, хоспитализациите и смртните случаи драстично се намалија.

Пред коронавирусот, внатрешната европска граница просечно ја минувале околу 3,5 милиони луѓе секој ден, се вели во минатогодишниот извештај на Европскиот парламент. Околу 1,7 милион од нив го направиле тоа поради работа, а многумина од нив денес работат од дома.

Подготвил: Дејан Србиновски