Европскиот суд на правдата денеска реши дека со регулативата на Европската комисија со која се утврдени границите за издувни гасови од дизел моторите, се дозволени премногу високи нивоа на емисии, посебно за азотниот оксид. 

Како што јави дописникот на МИА, Судот решаваше по жалбата на локалните власти на Париз, Брисел и Мадрид, кои имаат забелешки на нормата ЕУРО 6, која го регулира количеството на издувни гасови од дизел моторите, оценувајќи дека таа на своевиден начин претставува „дозвола за загадување“.

На иницијатива на париската градоначалничка Ани Идалго, Париз, Брисел и Мадрид поднесоа жалба до Судот и ја оспорија Регулативата на Еврокомисијата од 20 април 2016 година, со која беа изменети нормите за нивоата на емисии на штетени гасови за автомобили опремени со EУРО 6 мотори.

Азотните оксиди се многу токсични гасови, кои главно се ослободуваат од дизел моторите и дојдоа во центарот на вниманието по скандалот „дизелгејт“ со тестовите за емисии на штетни гасови на „Фолксваген“.

Во октомври 2015 година, компанијата „Фолксваген” призна дека изнел неточни податоци за емисиите на штетни гасови при сертификуваните тестови на моторите на 11 милиони нејзини дизел возила.

Поради скандалот „дизелгејт”, Европската комисија го измени стандардот ЕУРО 6 стандард, кој стапи во сила од 2014 година, со воведување на тестови во вистински услови за возење, како дополнување на оние што се изведуваат во лабораториски услови.

Сепак, со цел да им се дозволи на производителите постепено да се прилагодат на новите правила, Регулативата предвидува маргина на грешка на емисиите наречена „фактор на усогласување“. Таа маргина би требало да ја намали разликата помеѓу регулаторната граница на емисии од 80 милиграми на километар во лабораториски ускови и вредностите добиени при  вистински услови за возење. Токму оваа маргина на грешка, според париската градоначалничка, претставува „дозвола за загадување“.

Маргината е утврдена на 2,1 за нови возила до септември 2019 година, а потоа на 1.5 до јануари 2021 година. Според подносителите на жалбата, овој фактор на усогласување им овозможува на автопроизводителите изработка на возила што ќе  емитуваат штетни гасови на ниво од 168 милиграми на километар до 2019, а потоа 120 милиграми на километар, што е за 110, односо за 50 повеќе од ттврдената граница од 80 милиграми на километар.

Судот заклучи дека Комисијата не била „надлежна да воведува коефициентите на корекција“ и и дава рок од 12 месеци, по можната жалба на оваа одлука, да усвои „нова регулатива“ во интерес на „заштитата на јавното здравје и животната средина“.

Комисијата има два месеци да поднесе жалба на денешната одлука. Извори во Брисел соопштија дека Еврокомисијата „ја зела предвид пресудата“ и „детално ќе ја анализира“.

За Идалго, ваквата пресуда претставува преседан, бидејќи „овозможува да биде слушнат гласот на граѓаните за прашања што се важни, како животната средина и здравјето, пред оној на лобијата”.

Адвокат на градот Париз, Жереми Aсус, кој беше поднесител на жалбата, оцени дека пресудата претставува „законска револуција“.

– Сега, една европска одлука можат да оспорат не само 27-те држави (членки на ЕУ), туку и милионите општини, градови и региони, изјави Асус.

Штетните емисии од моторите на дизел горива, според експертите, се одговорни за неколку илјади предвремени смртни случаи во Европа.