По стапувањето на сила на новата европска регулатива за заштита на личните податоци денеска во целата Европска Унија се појавија првите проблеми: некои интернет страници едноставно не им се повеќе достапни на европските корисници.

„Лос Анџелес тајмс“, „Чикаго трибјун“, „Њујорк дејли њуз“, ова се само неколку од американските интернет страници и медиуми, кои од денеска не им се повеќе достапни на корисниците во Европската Унија.

Сите американските медиуми недостапни во моментов им припаѓаат на три издавачи: Тронк, А+Е Нетворкс и Ли Ентерпрајзис. Со новите правила за заштита на личните податоци, платформите имаат обврска да добијат „афирмативна согласност“ од корисници за процесуирање на нивните лични информации и им овозможува на сите граѓани на ЕУ да побараат бришење на нивните податоци.

Фирмите кои нема да ги почитуваат правилата, ризикуваат огромни казни, поради што неколкумина се одлучија целосно да го ограничат пристапот за европските корисници и да ги избришат сите информации кои ги поседуваат за нив.

Европската јавност е посебно чувствителна на овие теми по избивањето на скандалот со Кембриџ Аналитика и Фејсбук, кој обелодени дека се користеле личните податоци на корисниците во политички цели.

Запрашана за блокираните сајтови, претседателката на европскиот одбор за заштита на податоци, Андреа Јелинек, денеска во Брисел изјави дека верува оти ќе се најде решение.

– Ќе видиме што ќе донесат следните денови, загубата на информации нема да биде толку голема и сигурна сум дека „Лос Анџелес тајмс“ повторно ќе се отвори, посочи Јелинек,но без дополнителни детали за тоа како и кога ќе се реши проблемот.

Додека некои стравуваат дека новата законска рамка на Европската Унија ќе придонесе за уште поголема културна и географска поделба во светот, како и за тоа дека европските корисници немаат еднаков пристап до сите медиуми, други оценуваат дека проблемот не е „толку сериозен“.

Британскиот „Гардијан“ го цитира Лукаш Олејник, експерт за приватност кој тврди дека нема ризик на долг рок.

– Повлекувањето на операциите од Европа или блокирањето на европските корисници не е сериозна закана на долг рок. Зборуваме за 500 милиони потенцијални корисници. Масовната хистерија и дезинформациите во однос на европската регулатива за заштита на личните податоци е неоснована и активно штетна, изјавил Олејник за „Гардијан“.

Но, блокираните веб- страници не се единствениот проблем со новата законска рамка.

Како што забележаа новинарите на прес конференцијата на европскиот одбор за заштита на податоците во Брисел денеска, одредени платформи не нудат вистински избор.

Па така Твитер, на пример, иако му дава на корисникот можност да даде согласност, доколку тој ги одбие понудите услови, тогаш му се брише профилот.

– Ги добивме првите поплаки и ги проверуваме, изјави Јелинек.

Треба да разгледуваме случај по случај, но, согласноста мора да биде слободно дадена, луѓето треба да разберат, а присилената согласност не е согласност, додаде таа.

Вентислав Караџов од бугарската агенција за заштита на лични податоци додаде дека „согласноста не смее да ги спречи луѓето да ги користат услугите“ на платформите кои се бесплатни и слободно достапни.

Австрискиот активист, Макс Шремс, веќе поднесе жалби за „присилена согласност“ против Фејсбук, Гугл, Инстаграм и Ватсап.

– Пристапот на земи или остави ги нарушува правата на луѓето според регулативата која предвидува слободен избор за тоа дали и дозволувате на компанијата да ги користи податоците. Мора да има опција „да или не“ Многу од овие компании ве присилуаат да даде согласност за новите правила за приватност, што е спротивно на законот, изјави Шремс.