Ангела Меркел, Барак Обама и Матео Ренци веќе беа жртви на ваквата технологија на „дипфејк“

Земјите источно од Европа и натаму важат за „главна закана“ за сајбер-просторот на ЕУ. „Дипфејк“, односно синтетичките видеоматеријали со кои може незаконски да се искористи нечиј идентитет за ширење дезинформации, се новото оружје на големите сили во шпионажата на интернет

Естонското разузнавање со докази за нови интернет-закани за Стариот Континент

Во годишниот безбедносен извештај на естонската надворешна разузнавачка служба што беше објавен неодамна беше истакнато дека Европа е подложна на сајбер-шпионажа, а западните општества најмногу се цел на раздори предизвикани токму во интернет-просторот. Главните виновници за ваквата состојба во сајбер-просторот на Стариот Континент, особено за време на пандемијата, се моќните електронски специјални служби што најчесто доаѓаат од Истокот, односно најмногу од Русија и од Кина. Ова, меѓу другото, во своја анализа го наведува магазинот „Еурактив“, кој дојде до овој извештај на естонските безбедносни служби. Како што посочува бриселскиот медиум, Русија продолжува да практикува одредени тактики во стилот на КГБ во сајбер-просторот, при што преку синтетички видеоматеријал наречен „дипфејк“ шири дезинформации.

Синтетички видеоматеријали креираат лажни идентитети

Во извештајот објавен на крајот на декември, меѓу другото, се наведува дека руски државни агенти најверојатно стоеле зад масовниот хакерски напад „Солар виндс“, во кој злонамерни актери добија пристап до внатрешните електронски адреси на американски владини и други западни институции. Во естонскиот безбедносен извештај исто така се посочува дека постои голема веројатност дека руските специјални служби имаат намера да работат на развивање на таканаречените „дипфејк-технологии“ во полето на сајбер-просторот. Ваквата технологија вклучува креирање синтетички видеоматеријал со помош на вештачка интелигенција и машинско учење, при што се овозможува нечии фацијални изрази и говор да бидат монтирани за да изгледаат реално. Естонскиот документ посочува дека „во иднина, руските служби најверојатно ќе работат на развивање на дипфејк-технологијата“. Особено сериозна би била заканата кога технологијата ќе го усоврши „дипфејкот“ до тој степен што човечкото око нема да може да го распознава. Извештајот наведува дека ова ќе предизвика проблеми во јавноста за разграничување меѓу вистински и лажни информации.

Европол издаде предупредување

Во меѓувреме, заканата од „дипфејк-технологијата“ веќе одамна ја следат агенциите за спроведување на законот во Европската Унија (ЕУ). На истава тема „ЕУ обсервер“ пренесува дека уште во ноември бил објавен извештај на европската полициска агенција Европол, во кој им се порачува на членките од блокот да развијат технологија за скрининг за да можат попрецизно да ги откриваат материјалите со „дипфејк“. Повеќе високи функционери веќе се најдоа на удар на оваа технологија, со тоа што беа фалсификувани видеоснимките на германската канцеларка Ангела Меркел, поранешниот американски претседател Барак Обама и поранешниот италијански премиер Матео Ренци. Целта на видеоснимките со „дипфејк“ на политичари е да се предизвикаат општествени немири и политичка поларизација на корисниците на интернет, преку испраќање лажирани пораки на светските лидери.

Закана од Истокот или од Западот

Западните магазини во своите анализи на оваа тема пишуваат дека Естонија го објавила овој извештај во јавноста поради тоа што сака да го сврти вниманието кон општата закана што Русија ја претставува во Балтичкиот Регион, со изведувањето на нејзините големи воени вежби „Запад“ што ќе се одржат годинава. Естонците, пак, велат дека НАТО не треба да ги „игнорира“ годинашните воени вежби „Запад“, затоа што „Русија има намера да распореди десетици илјадници војници по должина на границите со балтичките земји“. Во исто време „Еурактив“, повикувајќи се на естонскиот извештај, пренесува дека и „Кина веќе го потврдила своето учество на вежбите ’Запад 2021‘“ и ќе биде интересно да се види како кинеските вооружени сили ќе ја дефинираат својата улога во воена операција против НАТО на територија на Европа.
Во меѓувреме на истава тема неодамна пишуваше и руската агенција „Спутник“, но од сосема спротивен агол. Имено, според руската новинска агенција, сајбер-шпионажата и вметнувањето на хакерите во армиските ешалони на западните сили ќе бидат главните оружја на иднината. Според медиумот, повеќе светски сили, меѓу кои и НАТО и САД, во своите армии веќе поседуваат софистицирани компјутерски одреди што вршат напади и собираат информации нелегално од земји како што се Русија, Индија и Кина. Тоа, според медиумот, навестува дека во иднина војните би можеле да се водат единствено на интернет-просторот.