Европскиот парламент на пленарана седница денеска ќе расправа за новата методологија за проширување на Европската Унија,предложена од Европската комисија.

Кредибилност, поголемо политичко управување со процесот, предвидливост и динамичност се четирите принципи на кои се базира новата методологија, а со неа земјите-членки ќе имаат поголема улога во оценувањето на напредокот на земјите кои преговараат. Експерти од земјите-членки ќе доаѓаат во оценувачки мисии, кои ќе изготвуваат извештаи налик на тој на Прибе.

Преговорите ќе се водат на подинамичен начин преку кластерите (групи на поглавја) кои ќе се отвораат зависно од проценката на напредокот во земјата кандидат, но останува принципот според кој поглавјата поврзани за владеењето на правото и правдата се темел на целиот процес.

Шест кластери се поделени на фундаментални теми (судство и темелни права, правда, слобода и безбедност, економски критериуми, демократски институции, јавна администрација, јавни набавки, статистики, финансиска контрола), Внатрешен пазар, Конкурентност и инклузивен раст, Зелена агенда и одржлива поврзаност, Ресурси, земјоделство и кохезија, Надворешна политика. Фундаменталните теми ќе се отвораат први и додека не се затворат, нема да можат да се затворат ниту другите кластери.