Британија официјално излезе од ЕУ, но допрва треба да ги уреди односите со Унијата. Брегзит без договор до крајот на годината ќе им зададе тежок удар на научните истражувања, развојот на технологии и на иновациите во Европа

Науката, истражувањата и иновациите може да станат колатерални штети од разводот меѓу Британија и ЕУ, особено ако тој се финализира без никаков договор, предупреди неодамна Мауро Ферари, шеф на Европскиот совет за истражување, додавајќи дека децениската научна соработка меѓу Британија и преостанатите европски земји е доведена во опасност.
– Победничкиот тим не треба да се растура – изјави Ферари, нагласувајќи дека научната соработка сепак ќе запре на крајот од годината, освен ако Велика Британија и ЕУ не реагираат брзо за да осигурат нејзино продолжување.

Заедничките истражувања се голема придобивка за Велика Британија и за ЕУ. Тие доведоа до големи успеси во третманите на карцином, намалувањето на кардиоваскуларните заболувања, роботиката, безбедноста на храната, развојот на безбедна, чиста и ефикасна енергија, како и во други клучни полиња. Велика Британија учествуваше со една петтина во научните резултати и истражувања во ЕУ, зајакнувајќи ја економската конкурентност на обете страни на Ла Манш, во време кога истражувањата и технологиите напредуваат во целиот свет.

Десетте најдобри партнери за истражување на Велика Британија се во ЕУ. Слично на тоа, Велика Британија е значаен истражувачки партнер за многу земји од ЕУ. На пример, коавторски трудови со автори што живеат и работат во Велика Британија претставуваат над десет отсто од научните истражувања од Холандија, Шведска, Белгија, Данска и од Ирска, пренесува „Еурактив“.

Во „Хоризонт 2020“, актуелната програма на ЕУ за истражување и иновации, Британија е еден од првите пет истражувачки партнери за речиси секоја членка на ЕУ. Многу значителни меѓусебни интереси се доведени во прашање, па затоа е потребно да се најдат начини за продолжување на соработката по брегзит.
Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, сака да ги привлече најдобрите и најпаметните научници и истражувачи на Островот и затоа најави измени во процедурите за имиграција за да го олесни целиот процес. Тој зборува за „неверојатните богатства на Велика Британија – научниците, инженерите и водечките универзитети во светот“, а неговите советници велат оти сакаат да ја унапредат научната соработка со Европа и пошироко. Но британската влада треба што побрзо да обелодени како планира да го постигне тоа. На пример, допрва треба да се договори принципот за учеството на Велика Британија во новата програма „Хоризонт Европа“ вредна 100 милијарди евра, која би требало да почне наредниот јануари. Вредноста на оваа програма не е само финансиска. Таа, исто така, значи и пристап до многу научни умови, истражувачки центри, нивни достигнувања и опрема.

Здружувањето со „Хоризонт Европа“ би бил ефикасен начин да се привлечат врвни научници во Велика Британија. Доколку не успее ова, Британија би можела да се квалификува за подалечниот статус на „трета земја“, без учество во обликувањето на програмата или дури и целосно да се повлече, вели Мајкл Ли, истражувач од бриселскиот политички институт „Бројгел“ и професор на универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Контроверзните прашања, како што се финансискиот придонес на Велика Британија во идните заеднички истражувачки активности, мобилноста на научниците и нивните семејства, улогата на Велика Британија во донесувањето одлуки, заштитата на податоците, лабораториските стандарди и решавањето спорови, неизбежно ќе бидат опфатени со идните преговори за партнерство.

Сепак, може да се најдат решенија на сите овие тешки проблеми, смета Ли. Политичкиот институт „Бројгел“ неодамна направи симулација на договор меѓу Британија и ЕУ за научни истражувања и иновации. Истражувачи од Британија и од ЕУ ги формираа тимовите што ги претставуваа двете страни. Тие најдоа компромисни решенија за контроверзни прашања во три интензивни рунди на преговори во Брисел и во Лондон. Некои прашања, како што е правото на глас, се покажаа многу полесни за постигнување компромис, отколку што претходно сугерираа соодветните црвени линии, бидејќи во практика, гласањата ретко се одвиваат во соодветните комитети. Слично на тоа, ниту еден случај што произлегол од научна соработка досега не стигнал до Европскиот суд на правдата. Во однос на парите, обете страни во симулацијата се согласија на систем на плаќања, според завршени проекти и на механизам за компензација за да се гарантира дека се намирени сите британски сметки и придонеси.

Сепак, во реалниот свет, политичките лидери ќе сакаат да видат договор за идниот буџет на ЕУ за периодот опфатен со „Хоризонт Европа“ и договор за рамката за идните односи Велика Британија и ЕУ, пред да поддржат научен договор, колку и да е тој корисен. Тие ќе бидат претпазливи да не склучуваат самостоен договор за наука, наспроти неговата економска и трговска важност, сѐ додека не се добие појасна слика за идните односи. ЕУ ќе ја критикува Британија дека сака да ги избере само работите што ѝ одат во прилог, додека Британија ќе инсистира за зачувување на суверенитетот.

Но прекин во континуитетот ќе ја уништи конкурентноста на Европа во науката и истражувањата. Бројот на нови заеднички европски проекти што ја вклучуваат Велика Британија веќе драматично се намали. Брегзит без договор на крајот на годината, па дури и брегзит со минимален договор, без одредби за соработка во областа на науката, иновациите и другите клучни области, ќе ѝ нанесе тежок удар на економската конкурентност на Велика Британија и на ЕУ. Главната лекција од симулацијата на договорот за наука е дека континуираната соработка помеѓу Велика Британија и ЕУ во науката, истражувањата и иновациите е и пожелна и изводлива. Препреките за склучување договор во оваа клучна сфера може да се надминат само со политичка визија и со компромис. Прашањето треба да се реши на почетокот од годинашните преговори меѓу Велика Британија и ЕУ за да се одржи континуитетот во овие клучни области.

– Влоговите се големи. Во интерес на сите е да се најде решение што е исто толку добро како сегашното или уште подобро – заклучува професорот Ферари.