Европската комисија им исплати 14 милијарди евра на девет земји членки во четвртата транша од финансиската поддршка наменета за зачувување на работните места.

Според денешната транша, Белгија доби две милијарди евра, Кипар 229 милиони евра, Унгарија 304 милиони евра, Летонија 72 милиони евра, Полска 4,28 милијарди евра, Словенија 913 милиони евра, Шпанија 1,03 милијарди евра, Грција 728 милиони евра и Италија 4,45 милијарди евра.

ЕК наведува дека овие заеми ќе им помогнат на земјите-членки во решавањето на зголемените јавни трошоци со цел да се зачува вработувањето, односно да им се помогне на земјите членки да ги покријат трошоците директно поврзани со финансирањето на националните шеми со ограничено работно време и слични мерки воведени како одговор на пандемијата на коронавирус.

По денешните плаќања, 15 земји членки добија вкупно 53,5 милијарди евра според инструментот за зачувување на работните места.

Кога ќе завршат сите плаќања, Белгија ќе добие 7,8 милијарди евра, Кипар 479 милиони евра, Унгарија 504 милиони евра, Летонија 192 милиони евра, Полска 11,2 милијарди евра, Словенија 1,1 милијарди евра, Шпанија 21,3 милијарди евра, Грција 2,7 милијарди евра и Италија 27,4 милијарди евра.

Брисел наведува дека досега 18 земји-членки добиле одобрение за користење на овие средства во вкупен износ до 100 милијарди евра и дека барањата за помош сè уште можат да се доставуваат до Европската комисија.