Европската комисија е во контакт со земјите членки за да најде решение за мигрантите кои се наоѓаат на бродот „Си Воч 3“, изјави денеска портпаролка на ЕК, а пренесе МИА.

Триесет и две лица се наоѓаат на бродот во овој момент, а Холандија веќе најави дека е подготвена да прими „неколку“ од нив, но не безусловно.
-Холандија укажа дека е подготвена за можен прием на пропорционален број мигранти кои се наоѓаат на „Си Воч 3“ под услов други европски земји да го сторат истото, изјави портпаролот на холандското Министерство за правда, Ленарт Вехевејс.

Европската комисија од своја страна на пладне соопшти дека е во контакт со земјите членки, потврди портпаролката Мина Андреева.
-Во контакт сме со земјите членки за да се најде брзо решение за излез на луѓето кои се наоѓаат на „Си Воч“. Еврокомесарот Аврамопулос е во контакт со земјите членки во последните денови и ги повика да дадат поддршка и заеднички напори, рече Андреева.

Слична реакција пристигна и од Берлин, каде властите се подготвени да примат баратели на азил на своја територија доколку други земји на ЕУ исто така прифатат.
Мигрантите на „Си Воч 3“ беа спасени на 22 декември 2018 во медитеранското море, но Италија, Шпанија, Малта и Холандија тогаш одбија да земат мигранти во своите земји.
На бродот „Си Воч“ моментно се наоѓаат 32 лица од кои три се мали деца, тројца се адолесценти без придружба и четири се жени, главно од Нигерија, Либија и Брегот на слоновата коска. Истовремено низ Медитеранот плови и бродот „Си ај“ со дополнителни седумнаесет лица.

Хуманитарната организација „Доктори без граници“ вчера ги повика земјите итно да ги примат луѓето блокирани на овие бродови, бидејќи метеоролошките услови се влошуваат од ден во ден, а времето е сѐ постудено.

Во Италија, каде Владата во текот на 2018 одлучи целосно да ги затвори своите пристаништа за хуманитарните бродови, неколку градоначалници порачаа дека се подготвени да примат мигранти, предизвикувајќи судир со министерот за внатрешни работи, Матео Салвини.

Шпанија, од своја страна, на крајот на декември прифати околу тристотини мигранти спасени во Медитеранот, и е земја рекордер за 2018 по прифаќање баратели на азил.

Мигрантското прашање е едно од најконфликтните во Унијата. Голем број земји членки одбиваат секакво „споделување на товарот“ и солидарни решенија како што се квотите за распределување.

Европската комисија засега не соопштува со кои земји е во контакт за мигрантите од бродот „Си Воч 3“.